Советот на Европа направи клучен чекор кон зајакнување на заштитата на животната средина: на состанокот на Комитетот на министри во Луксембург, беше усвоена првата меѓународна Конвенција за заштита на животната средина преку кривично право, која овозможува поефективен правен одговор на сериозните еколошки злосторства, вклучително и оние кои ги преминуваат националните граници.
Според соопштението, овој правно обврзувачки договор е дизајниран како одговор на „тројната планетарна криза“ на климатските промени, загадувањето и губењето на биолошката разновидност.
Конвенцијата го претставува темелот на новата ера во борбата за зачувување на нашата планета преку кривичното право и им нуди на државите силна правна рамка за борба против сериозните злосторства против животната средина кои во минатото често минувале неказнети или не биле доволно кривично гонети.
Самата конвенција, усвоена со консензус, беше развиена во изминатите две години од експерти од 46 земји-членки на Советот на Европа, со придонес на Европската унија, Обединетите нации и Интерпол, како и граѓанското општество.
Криминализирани се широк спектар на еколошки прекршоци, вклучително и незаконско загадување, управување со опасен отпад, трговија со нелегално исечени дрвја и уништување на заштитени живеалишта. Ова им овозможува на државите да ги гонат сторителите на намерни дејствија што доведоа до еколошки катастрофи на исто ниво со екоцидот.

Конвенцијата, исто така, воведува механизам за следење за да се обезбеди ефективна имплементација и одговорност. Се наведува дека уништувањето на животната средина не е само неуспех на политиката, туку може да биде и кривично дело кое бара силни правни алатки и меѓународна соработка.
„Оваа Конвенција ги менува правилата на играта за заштита на животната средина. Таа директно се соочува со денешните итни еколошки закани и ја користи моќта на кривичната правда за да ја одбрани нашата планета. Конвенцијата е еден од столбовите на нашата нова Стратегија за животна средина и заедно претставуваат храбар чекор напред, поврзувајќи ја заштитата на животната средина со човековите права, демократијата и владеењето на правото“, рече генералниот секретар на Советот на Европа Ал Берсет.
Комитетот на министри, исто така, усвои нова долгорочна стратегија за животна средина, дизајнирана да ја третира растечката еколошка криза преку објективот на човековите права, демократското владеење и владеењето на правото.
Сепак, без оглед на гореспоменатите случувања, експертите за еколошко право сметаат дека Советот на Европа ја пропуштил шансата законски да го заштити правото на чиста, здрава и одржлива животна средина во Европа.
„Срамота е што Европа, во 2025 година, сè уште законски не го призна правото на здрава животна средина како основно човеково право“, рече Себастиен Дајк, виш адвокат во Центарот за меѓународно еколошко право (CIEL), за Euronews.
Според него, Швајцарија и Норвешка биле најгласни во непризнавањето на еколошките права, и покрај се поголемите докази за разорните последици од еколошката штета.
Дијк смета дека Советот на Европа мора без одлагање да започне преговори за протокол за заштита на ова право во рамките на Европската конвенција за човекови права.
„Еколошкото уништување има жртви и додека не се заштитат нивните права и не се задоволува правдата, граѓанското општество нема да се откаже“, додаде тој.