Голем број компании низ светот, конкретно 41% од анкетирани фирми, планираат до 2030. година да отпуштат работници поради развојот на вештачка интелигенција (AI) која ќе поедностави многу работни задачи, покажало денешното истражување на Светскиот економски форум.
Во истражувањето учествувале стотици големи компании, а 77% од анкетирани фирми наведуваат дека планираат преобука и усовршување на своите вработени во периодот од 2025 до 2030. година за да го подобрат својот работен процес со помош на AI, пренесува Си-Ен-Ен.
На листата на особено загрозени професии се наоѓаат поштенски работници, административни вработени, но и графички дизајнери, се додава во извештајот.
Според тоа, вештините поврзани со вештачка интелигенција се сѐ побарани, бидејќи скоро 70% од компаниите наведуваат дека планираат да вработат нови работници со вештини за дизајнирање на AI алатки, а 62% од фирмите сакаат вработени кои знаат како да го подобрат работниот учинок со помош на AI.
Во извештајот се наведува дека примарниот ефект на технологии како што е генеративната вештачка интелигенција на работните места би можел да биде во нивниот потенцијал за подобрување на човечките вештини преку „соработка човек и машина“, а не во целосно заменување на човекот со машина.
Независно од тоа, многу работници веќе биле заменети од вештачка интелигенција. Некои технолошки компании како што се сервисот за складирање на датотеки Dropboks и апликацијата за учење јазици Duolingo наведуваат дека ги отпуштиле своите вработени поради развојот на AI.