Голем бесплатен концерт во сабота со Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова, Барбара Поповиќ и „2 Бона“

Ве покануваме да бидете дел од големиот музички концерт „Нешто што ќе остане“, кој по трет пат се организира во Општина Центар. Последните три години, општината значајно инвестира во културата, со цел да се овозможи квалитетна програма која ја негува македонската музика и ја афирмира домашната сцена

Во сабота, 13 септември, со почеток во 19.30 часот по трет пат ќе се одржи големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ во Паркот на Франкфонија. На овој музички хепенинг којшто ќе биде бесплатен за сите граѓани ќе настапат едни од најпознатите македонски изведувачи Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова, Барбара Поповиќ и групата „2 Бона“. 

Градоначалникот Горан Герасимовски одржа заедничка прес-конференција со дел од изведувачите на којашто ги повикаа сите скопјани да дојдат на големиот концерт.

-Ве покануваме да бидете дел од големиот музички концерт „Нешто што ќе остане“, кој по трет пат се организира во Општина Центар. Последните три години, општината значајно инвестира во културата, со цел да се овозможи квалитетна програма која ја негува македонската музика и ја афирмира домашната сцена – изјави тој.

Во 2021 година, буџетот за култура изнесуваше 3 милиони денари, а оваа година достигна 13 милиони. Овој раст е јасен показател за сериозната заложба за поддршка на културни настани и македонски изведувачи. Планот е оваа поддршка да продолжи и во иднина – со проекција буџетот да се удвои и во 2026 година да достигне 26 милиони денари. Целта е жителите на Центар и Скопје да имаат пристап до уште поголем број на квалитетни, достапни и автентични културни настани.

Настанот годинава повторно ќе се одржи во Паркот на Франкофонијата и ќе обедини големи имиња од македонската сцена – Кристина Арнаудова, Викторија Лоба, Барбара Поповиќ, 2 Бона, Елена Ристеска, Дарио и Миг-21. Концертот е бесплатен и отворен за сите граѓани.

Кристина Арнаудова ја поздрави иницијативата да се организира настан којшто ја поддржува македонската музика:

„Би сакала да ја поздравам иницијативата да се организира еден ваков настан и во овие времиња да се издржи да се работи само со македонски артисти. Задоволство ќе ми биде на 13 септември да бидам со граѓаните на Скопје и на Општина Центар, како некој кој повеќе од половина живот живее во срцето на градот, во Дебар Маало. Навистина ќе ни биде драго со моите сограѓани да поделиме едно навистина убаво расположение, добра журка. Се надевам дека посетата ќе биде добра како и минатите години – што покажува дека луѓето сакаат македонска музика и сакаат што повеќе вакви настани.“

Слично расположение сподели и Викторија Лоба, која ги покани сите центарци да дојдат во сабота во добро расположение:

„Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од овој прекрасен настан и со нашите драги колеги од македонската естрада сакам да го разубавиме овој убав 13 септември со добра македонска музика. Ве очекуваме сите да дојдете со вашите насмевки и во добро расположение.“

Барбара Поповиќ, исто така, ја истакна радоста што повторно ќе биде дел од настан кој ги обединува луѓето преку музика:

„На 13 септември, ве чекаме во Паркот на Франкофонијата да направиме убава забава, да се собереме и да шириме само позитива.“

Настанот ќе го води Вера Јанковиќ, а концертот е во организација на Општина Центар и е бесплатен за сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни