„Голачки фолклорни средби“ го прославија своето 29-то издание

Вчеравечер, над 200 играорци ги претставија богатствата на македонскиот, српскиот и бугарскиот фолклор во Делчево, во рамките на 29-то издание на „Голачки фолклорни средби“. Настанот, кој се одржа на летната сцена пред Спомен домот „АСНОМ“, собра 12 културно-уметнички групи и ансамбли, вклучувајќи оркестри, пеачки групи и инструменталисти.

Поради важечката забрана за движење во шума и потенцијалната опасност од пожари, фестивалот и годинава се одржа на летната сцена во Делчево, што беше одлучено од страна на сите релевантни фактори вклучени во организацијата на фестивалот.

-Сакам да потенцирам дека локацијата не го намалува значењето на фестивалот, напротив, докажуваме дека кога е фолклорот во прашање, сите локации се соодветни, бидејќи целта ни е една -да ја продолжиме традицијата, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Изрази јавна благодарност до сите учесници на фестивалот, но и до организаторот НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ кои со поддршка на Општина Делчево и Министерство за култура ни овозможија убава вечер во знакот на фолклорот и традицијата

-Тоа е нашата обврска како генерација, да го продолжиме патот на изворниот фолклор кој е наш амбасадор во светот, уникатен и незамнелив, да создаваме услови за работа на фолклорните друштва и да сме горди што ја имаме таа чест, да бидеме промотори на највредната оставштина од нашите предци-фолклорот, додаде Трајковски.

Задоволство од настапите на групите имаше и кај директорот на НУЦК ,,Н.Ј.Вапцаров”, Љупчо Петровски како и програмскиот директор во установата Методи Толевски, кои најавија дека фестивалот од година во година ќе добива на квалитет и изразија надеж дека со промена на околностите, фестивалот ќе се врати на планината Голак, каде пред 29 години истиот започна да се организира.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни