Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во осминафиналето на Австралија опен, откако денес во третото коло во Мелбурн го совлада Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп, 75. на АТП-листата, со 6:3, 6:4, 7:6.
Мечот траеше два часа и 46 минути, а Ѓоковиќ го отвори со сигурна игра, освојувајќи го првиот сет со брејк во четвртиот гем. Во вториот сет српскиот тенисер поведе со 3:0, откако направи брејкови во првиот и третиот гем.
По медицинскиот тајм-аут на Ван де Зандшулп поради проблем со десното рамо, Холанѓанецот успеа да возврати со брејк, но Новак Ѓоковиќ, кој е четврти носител на турнирот, сепак го приведе сетот кон крај со 6:4.
Третиот сет донесе повеќе неизвесност. Ѓоковиќ во третиот гем незгодно го извитка десниот глужд и побара медицински тајм-аут, по што противникот поведе со 3:1. Српскиот тенисер возврати со брејк и успеа да го одбрани сервисот во клучните моменти, а сетот заврши во тај-брејк, кој Ѓоковиќ го доби со 7:4.
Двајцата тенисери имаа двоцифрен број асови – Ѓоковиќ запиша 11, додека Ван де Зандшулп имаше 15 асови.
Во осминафиналето, Ѓоковиќ ќе игра против победникот од дуелот меѓу Јакуб Меншик, 17-ти носител, и Американецот Итан Квин, кој е 80-ти на светската ранг-листа.
