Гојазност кај деца и возрасни – тивка епидемија

Сè повеќе луѓе и деца страдаат од гојазност, сериозен здравствен проблем кој бара превенција и промена на животниот стил.

Гојазноста сѐ почесто се опишува како тивка епидемија што постепено зафаќа сѐ поголем број луѓе низ светот. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од една милијарда луѓе живеат со прекумерна телесна тежина или дебелина. Овој проблем одамна не е само прашање на изглед или естетика, туку сериозна закана за здравјето.

Особено загрижува фактот што сѐ повеќе деца се соочуваат со прекумерна тежина. Тоа ги изложува на ризик од сериозни здравствени проблеми уште во рана возраст и го зголемува ризикот од хронични заболувања подоцна во животот. Според глобалните проценки, до 2035 година бројот на луѓе со прекумерна тежина може да достигне дури четири милијарди. Во моментов се проценува дека околу една милијарда луѓе се соочуваат со овој проблем, меѓу кои околу 340 милиони се деца.

Гојазноста претставува значаен фактор за развој на хронични незаразни болести, како што се срцеви заболувања, проблеми со крвните садови, дијабетес и други метаболни нарушувања. Во последните децении бројот на случаи на дебелина значително се зголемува, а експертите предупредуваат дека последиците од прекумерната тежина денес предизвикуваат повеќе здравствени компликации и смртни случаи отколку недоволната исхрана.

Една од клучните причини за порастот на гојазноста е начинот на живот. Недостатокот на физичка активност, зголеменото време поминато пред екрани, лесната достапност на калорична и нутритивно сиромашна храна, како и секојдневниот стрес, придонесуваат за постепено зголемување на телесната тежина.

Поради комплексноста на проблемот, справувањето со прекумерната тежина бара сеопфатен пристап. Превенцијата вклучува редовни здравствени прегледи, усвојување здрави навики во исхраната и зголемена физичка активност, како и подигнување на свеста за важноста на здравиот начин на живот уште од најрана возраст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни