Кочани се подготвува за првата годишнина од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Комеморативна програма од 14 до 16 март, Марш на ангелите и порака за сплотеност и правда

Општина Кочани во соработка со широк организациски одбор подготвува комеморативна програма за одбележување на првата годишнина од трагедијата со пожарот во дискотеката „Пулс“. Активностите ќе се реализираат од 14 до 16 март 2026 година, со повеќе настани посветени на сеќавањето, благодарноста и заедништвото.

На 14 март е предвидено молитвено сеќавање во храмот Црковен храм „Св. великомаченик Георгиј“, каде што ќе се одржи духовно обединување во чест на загинатите.

На 15 март ќе се одржи настан под мотото „Кочани Ви благодари“, фокусиран на повредените и на изразување благодарност до ЈЗУ ОБ Кочани и другите здравствени установи кои реагираа во ноќта на пожарот. Општината најави дека ќе обезбеди сместување и почести за медицинскиот персонал кој ќе присуствува на покана на преживеаните пациенти, со што се нагласува човечката врска меѓу младите и лекарите.

Централното оддавање почит ќе се одржи на 16 март, денот кога се случи пожарот, со цел заедницата достоинствено да се обедини во болката и сеќавањето. Градоначалникот Владко Грозданов упати апел за сплотеност, нагласувајќи дека годишнината треба да биде момент на нов почеток и симбол на истрајност за Кочани. Општината планира да додели статуетки на благодарност на сите поединци и институции кои покажале пожртвуваност во критичната ноќ.

Паралелно со институционалните активности, граѓанскиот сектор продолжува со барањата за правда. Здружението „16 март 2025“ ќе го организира традиционалниот Марш на ангелите, што ќе започне од Паркот на слободата во 15:05 часот. Поворката има за цел да ја одржи темата во јавниот фокус и да потсети дека семејствата на загинатите и понатаму ја бараат вистината и одговорноста.

Комеморативната програма, како што посочуваат организаторите, има цел не само да се оддаде почит, туку и да се трансформира колективната траума во порака за надеж, солидарност и мир.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни