Синоќа во “Магаза“ во Битола свечено беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Битола, која оваа година е во рамките на “Бит фест“.
На изложбата се претставени 35 дела од 34 реномирани уметници, чии творби ја носат енергијата, длабочината и духот на денешното време.
Изложбата е дел од програмата на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ и ќе биде отворена во КЦ Магаза во Битола до 18 јули, секој ден освен недела во периодот од 10 до 14 и од 18 до 21 часот.
„Со особено задоволство, годинашната награда „Борислав Траиковски“ за 2025 му беше доделена на Синиша Кашавелски, за неговиот исклучителен придонес, доследна уметничка посветеност и автентичен израз. Изразуваме искрена благодарност до Општина Битола за континуираната поддршка. Соработката со локалната самоуправа е од суштинско значење за унапредување и одржување на културниот живот во нашиот град“, рече Нела Петровска, претседател на ДЛУБ.
„Победникот треба да ги поставува идните трендови или да го отсликува современиот естетски вкус на уметноста во својата држава и светот. Изборот на кандидати нималку не беше едноставен, бидејќи уметниците-членови навистина се потрудиле да се претстават со најдоброто. По разгледувањето на многуте успешни дела и тешкиот избор на потесен круг кандидати, сметам дека Синиша Кашавелски со делото „CULTUS IMAGINIS” треба да биде победник и носител на наградата „Борислав Траикоски”. Маестралноста во творештвото на Синиша Кашавелски се одразува преку класичниот академски сликарски израз и надреалистичкиот механизам на уметничка размисла“ вели м-р Викторија Димеска, Историчар на уметност.
Во изложбата учествуваат: Симеон Силјановски, Роберт Михајловски, Драган Најденовски, Слободан Рајчевски, Ване Костуранов, Вангел Срнаков, Синиша Кашавелски, Владимир Илиевски, Владимир Младеноски, Стефан Анчевски, Маријан Котевски, Тони Попов, Татјана Манева, Филип Јовески, Бојана Артиновска, Симона Мирчевска, Дијана Колонџоска, Димитри Балојани, Мирјана Бубевска, Маја Танева, Петар Кирановски, Александар М. Поповски, Ѓорѓи Зајаковски, Душан Шешиќ, Златко Крстевски, Бојана Тошевска, Валентина Илијевска, Дејан Макаријовски, Љупка Галазка-Василев, Билјана Толевска Наумовска, Николче Српчански, Динко Ненов и Виктор Лозанов.