Годишен извештај на Хелсиншкиот комитет: Недовербата во институциите главна закана за човековите права

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави Годишниот извештај за состојбата со човековите права во 2023 година кој содржи конкретни случаи од практиката, кои јасно ги покажуваат вкоренетите системски проблеми и нивното влијание врз правата на граѓаните во земјата.

Врз основа на наодите коишто произлегуваат од работaта на Хелсиншкиот комитет во 2023 година, тие констатираат дека не е направен значаен напредок во законскиот и во институционалниот систем за заштитата и унапредувањето на човековите права.

Тие заклучуваат дека годината ја одбележаа случувања поврзани со засилено и нескриено дејствување на антиродовите движења. Тие ги користат родот и сексуалноста како клучен дел од нивната реторика, врамувајќи ги прашањата како што се репродуктивните права, правата на ЛГБТИ+ и родовата еднаквост на начини што поттикнуваат страв и поделеност во општеството.

Како што истакнуваат тие во својот извештај една од најголемите закани за заштитата на човековите права и борбата против дискриминацијата е недовербата на граѓаните во институциите.

Хелсиншкиот комитет во изминатата година регистрирал1171 случаи на говор  на омраза; 646 од нив биле сторени врз основа на етничка припадност, 248 поради  сексуална ориентација и родов идентитет, 275 случаи врз основа на национална  припадност, 149 поради политичко уверување и 80 случаи врз основа на род и пол.  8 случаи биле пријавени до ОЈО Скопје и до ОЈО Гостивар и 3 случаи на  вознемирувачки говор биле пријавени до Комисијата за спречување и заштита од  дискриминација. 

Хелсиншкиот комитет исто така регистрирал и 197 потенцијални инциденти на злосторства  од омраза од кои 35 се инциденти со јасни пристрасни индикатори. Инциденти што  се случуваат врз основа на етничка припадност сѐ уште се најзастапени со 90,86%  од вкупниот број регистрирани инциденти. 

Во 2023 година, Хелсиншкиот комитет обезбедил правна помош за 307 граѓани во  областа на работните односи, социјалната и здравствена заштита, заштитата на  деца, семејното и родово базирано насилство, пензиското и инвалидско  осигурување, имотното правните односи, кривично правните и други области.

Најново

Последни колумни