Вчера, во Лабораториум, Гоблин друштвени игри го прославија својот 25- ти роденден. Приказната што ја почнаа тројца другари од детство во 2001 година, чија заедничка пасија се друштвените игри, прерасна во прва и сѐ уште е единствена специјализирана продавница и дистрибутер за друштвени игри и сложувалки во Македонија.
Преку презентација на најпознатите наслови и игрите на македонски јазик и музичка селекција, вчерашниот настан привлече љубители на друштвени игри од различни профили. Славеничката атмосфера беше дополнително збогатена со дарежлива наградна игра, преку која беа доделени над 100 подароци,од игри и ваучери, до специјални маици и Magic: The Gathering декови.
За идејата за настанот, разговаравме со Самоил Петрески, еден од организаторите на Гоблин друштвени игри:
Трн: Што значи за вас овој 25-ти роденден на Гоблин?
Самоил: Овој роденден значи многу за Гоблин. Нас Гоблин не ни претставува само бизнис, продавница или дистрибуција. За нас Гоблин е емоција. Ние почнавме како тројца другари, кои што не знаеја каде да си најдат игри и почнавме да ги носиме тука за да можеме ние да играме. Ние да не бевме такви, Гоблин немаше да постои воопшто. Почнавме од една мала гаража карши цветен пазар и стигнавме до ова денес. Најмногу ми значи тоа колку луѓе се собраа на овој роденден. Тоа покажува дека сме направиле една субкултура на друштвените игри како социјална појава, што е контра ефект на сѐ она што се случува во општеството.

Трн: Дали забележувате дека младите денес се оддалечуваат од видео игри и се враќаат на друштвените?
Самоил: Сега сите се на телефони и компјутери, а друштвени игри се нешто што те одтргнува од тоа. Од 2000 та години, тоа ни беше целта. Самата суштина на друштвените игри е социјализација.
Трн: Кои друштвени игри се најпопуларни кај младите?
Самоил: Најпопуларни кај нас се светските игри, официјално преведени на македонски, како: Catan, Ticket to Ride, Dixit, Mysterium, 7 Wonders, а најпознати „Party games„ би биле: Exploding kittens и Cards against humanity.
Трн: Дали сметате дека на Скопје му недостасуваат повеќе вакви настани и дали планирате нови?
Самоил: На Скопје секогаш му недостасува повеќе култура. Секако дека му недостигаат повеќе вакви места, настани, повеќе луѓе кои се занимаваат со тоа и поголема промоција од страна на медиумите.