Го тестираат SMART асфалтот: Може да „дише“ и на тој начин ја лади површината

Тестовите ќе траат три години, а најдобрата верзија на овој паметен асфалт би можела да постави нови стандарди во урбаната градба.

Виена тестира нови материјали за намалување на летните горештини.

Градот бара решенија за се пожешките лета, па започна интересен експеримент – тестирање на асфалт кој помалку се загрева и пропушта вода.

Во лето, асфалтот може да стане вистинска печка, особено во урбаните средини каде што бетонот и асфалтот брзо се загреваат и дополнително ја зголемуваат температурата на воздухот.

Не само што е непријатно, туку и штетно за здравјето, особено за постарите и децата.

Затоа градските власти заедно со експерти од Техничкиот универзитет во Виена започнаа проект за тестирање на нови видови асфалт.

На велосипедската патека покрај бреговите на потокот Лајзингбах на југот од градот, поставени се четири различни видови асфалт – еден стандарден и три иновативни. Разликата е во бојата, видот на смесата и врзувачкиот материјал.

Она што ги прави посебни е тоа што пропуштаат вода и помалку се загреваат.

Постојниот асфалт ја затвара земјата – водата не може да помине, што создава големи езерца по дожд, а мраз во зима.

Во лето ваквите површини дополнително го загреваат градот.

Новиот асфалт кој „дише“ дозволува водата да навлезе низ него и на тој начин ја лади површината.

Плус, и помага на природата да функционира – растенијата и дрвјата растат подобро кога водата не останува само на површината.

„Баравме нешто што е пријатно за возење велосипед, но и за пешаци со деца и оние во колички. И, се разбира, тоа е добро за животната средина“, рече Ули Сима, член на градската управа на Виена задолжен за планирање.

На 80 метри од патеката се поставени сензори кои мерат температура и влажност. Ќе покаже колку новите материјали навистина влијаат на ладењето на околината. Доколку резултатите се добри, овој асфалт би можел да се користи низ цела Виена, особено во деловите од градот каде што летните горештини се најизразени.

„Сакаме да докажеме дека таквите промени можат да помогнат во разладување на градот“, рече Волфганг Аблингер од градскиот оддел за патишта.

Тестовите ќе траат три години, а најдобрата верзија на овој паметен асфалт би можела да постави нови стандарди во урбаната градба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни