Гојазност, депресија, дигитализација: Што ги загрозува тинејџерите во 21 век?

Според процените, до 2030 година дури 464 милиони тинејџери ќе имаат проблеми со вишокот килограми – што е за 143 милиони повеќе во однос на 2015 година.

До 2030 година, речиси пола милијарда тинејџери ширум светот може да имаат прекумерна телесна тежина или да бидат гојазни, предупредуваат стручњаците, нагласувајќи дека здравјето на младите луѓе влегува во сериозна прекретница.

Во глобалниот извештај за здравјето и благосостојбата на младите, стручњаците наведуваат дека најголемите закани за здравјето на тинејџерите веќе не се само цигарите и алкохолот, туку гојазноста и менталните проблеми.

Менталното здравје во опаѓање, гојазноста во пораст

Истражувањата покажуваат дека менталното здравје на тинејџерите сериозно е нарушено во последните три децении, а пандемијата на COVID-19 дополнително ја влошила оваа ситуација. Според процените, до 2030 година дури 464 милиони тинејџери ќе имаат проблеми со вишокот килограми – што е за 143 милиони повеќе во однос на 2015 година.

Меѓутоа, има и позитивни информации. Конзумирањето алкохол и цигари меѓу младите е намалено во сите светски региони, како што се наведува во извештајот на Лансетовата комисија за здравје и благосостојба на тинејџерите.

Напредок во здравјето на тинејџерите

Иако постојат некои помаци во здравјето на младите, експертите предупредуваат дека напредокот во оваа област е значително помал во однос на напредокот постигнат во негувањето и развојот на помладите деца. Сериозноста на проблемот е јасна, но финансирањето на секторите кои се занимаваат со здравјето на младите не е соодветно на големината на предизвиците со кои се соочуваат.

„Адолесценцијата не може повеќе да се игнорира – време е за акција“, порачаа стручњаците.

Дигиталниот свет и новите закани

Преминот кон дигиталниот свет носи како ризици, така и потенцијални предности. Дигиталната средина може да има длабок ефект врз здравјето и благосостојбата на младите, но стручњаците сметаат дека не треба премногу да се ограничи пристапот до интернет, бидејќи тој отвора можности за социјални контакти, образование, вработување и промоција на здравјето.

Експертите потсетуваат и дека сегашната генерација тинејџери е првата која расте во услови на изразени климатски промени, и дека тие ќе бидат првата генерација која ќе ги почувствува последиците од глобалното затоплување.

Високи улоги – време е за инвестиции

Професорката Сара Берд, ко-претседавач на Лансетовата комисија и предавач на Универзитетот Џорџ Вашингтон, истакнува дека здравјето на тинејџерите денес е „на раскрсница“.

„Додека потрошувачката на цигари и алкохол опаѓа, образованието расте, гојазноста и лошото ментално здравје бележат драматичен пораст, особено во земјите на Африка и Азија. Во некои случаи, стапката на гојазност пораснала дури осум пати во само три децении“, нагласува Берд.

Тинејџерите, исто така, се соочуваат со нови глобални предизвици – климатски промени, светски конфликти и дигитализација.

„Инвестицијата во здравјето и благосостојбата на младите е клучна за иднината на човештвото“, заклучува Берд, нагласувајќи дека во 21. век инвестицијата во тинејџерите ќе стане поважна од било кога. Како што населението старее, а наталитетот опаѓа, дури и во најсиромашните земји, здравјето на младите ќе стане клуч за стабилноста и просперитетот на секоја земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни