Во последниве години, Рајт посетила и други земји со мнозинско муслиманско население, како што се Иран, Ирак, Сирија и Либан.
„Ова е суштински лицемерно“, изјави авганистанската активистка за женски права и образование, Вазма Токхи.
„Авганистанките се затвореници во сопствената татковина, додека на странските посетители – без разлика на нивната професија – им се пружа гостопримство“, додаде таа.
Талибанските власти не ја признаа посетата, а Радио Азади на Радио Слободна Европа (РСЕ) не успеа да добие коментар ниту од Рајт, ниту од талибаните.
Забрани за жените и „роден апартхејд“
Откако се вратија на власт во август 2021 година, талибаните воведоа ригорозни ограничувања за жените. Тинејџерките немаат пристап до образование, а во декември 2022 година беше забрането и универзитетското образование за жените. Жените, исто така, се исклучени од повеќето работни места, како и од јавните простори, вклучувајќи паркови, теретани и јавни бањи.
Во август 2024 година, талибаните донесоа нов закон за морал, со кој им се наметнува на жените да носат прекривка на лицето и да бидат во придружба на машки член од семејството кога се на јавни места.
Високи претставници на Обединетите нации и активисти за човекови права овој третман на жените во Авганистан го нарекуваат „роден апартхејд“.
Во јануари годинава, Меѓународниот кривичен суд издаде барање за апсење на талибанскиот врховен лидер, Мула Хаибатуло Ахунџада, и главниот талибански судија, Абдул Хаким Хакани, поради нивната „кривична одговорност за злосторства против човештвото врз основа на родова дискриминација“.
Рајт на своите профили на социјалните мрежи објави фотографии и видеа од својата посета, облечена во црн вел, додека шета во снежната околина на Банд-е Амир, првиот национален парк во Авганистан, познат по своите кристално сини езера и високи карпи.
Во август 2023 година, талибаните им забранија на авганистанските жени да го посетуваат паркот, што го прави нејзиното присуство таму уште поконтроверзно.
„Како Авганистанка, ова ми е навистина вознемирувачко“, изјави за Радио Азади жителка на провинцијата Бамијан.
Талибаните се обидуваат да привлечат странски туристи за да го подобрат својот меѓународен имиџ и да покажат дека земјата е побезбедна од порано. Но, активистите предупредуваат дека ваквите посети создаваат лажна слика за ситуацијата во Авганистан.
„Оваа слобода е резервирана само за странките, не и за нас, на кои ни се ускратени и најосновните права“, изјави активистката за женски права, Насима Бидаргар.