Скопје годинава по 10-ти пат ќе биде дел од глобалното движење The Distinguished Gentlemans Ride посветено на борбата против ракот на простатата и заштитата на машкото здравје.
Урбаните моторџии, кои веќе станаа претпознатлив белег на главниот град, утре повторно ќе продефилираат низ улиците во централното градско подрачје, а граѓаните ќе имаат можност да погледнат уникатни мотори управувани од елегантни моторџии облечени во палто, вратоврска, елек и елегантни чевли. Задолжителен дел од дрес кодот е и кацигата.
Скопје првпат се најде на мапата на ова глобално движење во 2016 година. Оваа урбана приказна со хуманитарна димензија опстои во изминатите десет години благодарение на двајцата иницијатори Игор Стефановски и Благоја Петровски.

Стефановски во разговор за МИА, правејќи ретроспектива на изминатите десет години, вели дека поттикот и одговорноста да се продолжи во оваа насока, се уште поголеми имајќи предвид дека од година во година се повеќе се зголемува интересот за учество.
– Во 2016 година почнавме скромно со 64 учесници, но од година во година бројката на учесници и донации прогресира. Годинава, кога обележуваме 10-годишен јубилеј, бројот на учесници е двојно зголемен. Пријавени се 185 учесници кои утре ќе продефилираат низ градските улици укажувајќи на неопходноста од превентивни прегледи и потребата за заштита на машкото здравје, истакнува Стефановски.
Годинава, собрани се повеќе од две илјади долари кои ќе бидат уплатени во фондацијата „Мовембер“ во Лондон, но Стефановски очекува оваа бројка да се зголеми бидејќи донации се уплатуваат и на самиот ден кога се одржува манифестацијата.
Смета дека е постигната една од целите на ова движење, а тоа е дека повеќе не е табу тема одењето на лекар и превентивните прегледи за рак на простатата.
– Најважно е дека за овие работи веќе се разговара отворено, подигната е свеста кај населението со што сме задоволни како организатори на ова движење кај нас, нагласува Стефановски.

Како интересен момент го посочува и тоа што мото културата е издигната на повисоко ниво со почитување на сообраќајните правила и задолжително носење на кацига. – Самото движење кај многумина поттикна да се роди љубовта кон моторите, вели Стефановски.
Движењето „The Distinguished Gentlemans Ride“ започна во 2012 година во Сиднеј кога Марк Хава облечен во фин машки костим одлучи да продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простата. Од година во година движењето станува се помасовно и на годишно ниво се собираат околу 20 милиони долари што преку фондацијата „Мовембер“ се донираат во институции и болници кои се фокусирани во борбата за заштита на машкото здравје и ракот на простата.
Настанот се организира секоја година во втората половина на мај, според одредени правила и мора да има одлики спрецифични за самото движење како уникатни мотори и елегантен дрес код за учесниците кои мора да се облечени во палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжително да носат кацига.