Експертите предвидуваат дека глобалните емисии на јаглерод диоксид што ја загрева Земјата ќе се зголемат за еден процент, достигнувајќи ново високо ниво во 2023 година.
Тие предупредуваат дека во оваа деценија загадувањето со јаглерод диоксид мора да се намали за речиси 50 проценти за да се постигнат зацртаните светски цели, а тоа се ограничување на глобалното затоплување и избегнување на катастрофален ефект врз климата.
Оваа година се очекуваше глобалните емисии на јаглерод диоксид да паднат за околу 5 отсто, рече Глен Петерс, директор на Норвешкиот Институт за истражување на климата, ЦИЦЕРО, и водач на студијата.
Но, се случува токму спротивното. Истражувањето кое го направи во соработка со неговите колеги покажа дека тие продолжуваат да растат, а врз основа на сегашните очекувања, може да очекуваме зголемување на емисиите на јаглерод меѓу 0,5 и 1,5 отсто оваа година. „Не е веројатно дека емисиите на јаглерод диоксид ќе паднат во 2023 година“, рече тој за АФП.
Прелиминарните податоци покажуваат дека ќе биде исклучително тешко да се намалат емисиите доволно брзо за да се исполнат целите од Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа. „Секоја година, емисиите на јаглерод диоксид продолжуваат да растат, што го отежнува постигнувањето на целите од Парискиот договор“, рече Петерс.
Конечната анализа ќе биде објавена во декември. Потоа светските лидери ќе се сретнат на клучните разговори за климата на ОН во Обединетите Арапски Емирати. Главна тема на преговорите ќе биде иднината на фосилните горива, главниот извор на загадување со јаглерод диоксид.
Претходно во годината, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предупреди на негативното влијание на зголемените инвестиции во фосилни горива и на „исклучително високите емисии“ за време на економското закрепнување по пандемијата и енергетската криза предизвикана од руската инвазија на Украина.
Питерс смета дека чистата енергија треба да ја замени побарувачката за фосилни горива, но „ова сè уште не се случува во поголем обем, што е разочарувачки“. Додава дека научниците се надевале дека емисиите на јаглерод ќе го достигнат својот врв во 2015 година и дека ќе се случи пресвртница за време на пандемијата.
„Сепак, еве сме во 2022 година, повторно го достигнавме врвот, а во 2023 година очекуваме уште еден“, рече научникот. „Се плашам дека вршиме само половина од работата, работиме на чиста енергија, но не и на другата половина, која се откажува од фосилните горива“.
Извор: energetskiportal.rs