Глобална здравствена тревога: милиони пациенти остануваат без лекови поради рекордни недостатоци

Недостигот од клучни лекови ширум светот стана нова, тивка здравствена криза.

Од терапија за АДХД и антибиотици, до лекови за дијабетес и болка, милиони пациенти се соочуваат со празни полици во аптеките, а лекарите предупредуваат дека ситуацијата може дополнително да се влоши.

Во Велика Британија, Донија Јусеф, 46-годишна писателка на детски книги, со години користи лек за АДХД – но сега речиси секој месец се соочува со истата реченица од аптекарите: „Нема на залиха.“ „Тоа е исцрпувачко и вознемирувачко,“ вели таа. „Без лекот не можам нормално да функционирам.“

Недостиг што чини животи

Според Светската здравствена организација, недостигот од лекови веќе однел животи, како во случајот на двегодишната Ава Грејс Хоџкинсон, која починала од сепса во 2022 година поради недостиг од антибиотик.
Американската медицинска асоцијација овој феномен го нарече „итна криза и закана за националната безбедност“.

Причини: побарувачка, ниски цени и глобални зависности

Експертите велат дека проблемот нема едноставно решение. Зголемената побарувачка, стареењето на населението и недоволната инвестиција во производството на генерички лекови се меѓу главните причини.
Пандемијата на ковид-19 остави празнина во производствените ланци, а зависноста од кинески и индиски фабрики за активни состојки создава дополнителен ризик.

Во САД, повеќе од 92% од производствените капацитети за генерички лекови се надвор од земјата. Во Велика Британија, ситуацијата е слична – недостиг има кај над 130 лекови, а парламентарен извештај предупредува на „структурна криза“ која оваа зима може да се влоши.

Од хормонска терапија до лекови за дијабетес

Драматично расте и побарувачката за лекови против дебелина, како Ozempic и Wegovy, кои од дијабетички третман се претворија во „чудотворни средства за слабеење“. Социјалните мрежи и маркетингот ги претворија овие препарати во „животен стилски тренд“, што дополнително го оптоварува снабдувањето за оние на кои им се навистина потребни.

Лековите стануваат премногу евтини за да се произведуваат

Повеќето недостатоци се однесуваат на генерички лекови – ефтини, но неопходни препарати. Поради ниските цени, многу производители престануваат со нивно производство, бидејќи стануваат финансиски неисплатливи.
„Некои антибиотици чинат помалку од пакување гуми за џвакање,“ вели фармацевтката Ерин Фокс, која две децении ја следи ситуацијата во САД.

Последици за пациентите

Поради недостигот, пациентите често се принудени да бараат аптека каде лекот е достапен, да плаќаат поскапо, или да го делат дозирањето за да трае подолго. Во некои земји дури и се појавуваат протести на пациенти.

И покрај малите подобрувања – во САД во септември биле регистрирани 214 активни недостатоци, најмалку од 2018 година – експертите предупредуваат дека кризата е длабока и долгорочна.

Здравствените власти во САД и Велика Британија веќе подготвуваат национални стратегии за справување со недостигот, вклучувајќи домашно производство, побрзи лиценци и подобри планови за превенција.

Но за пациентите како Донија Јусеф, решенијата доаѓаат предоцна:

„Секојпат кога ќе слушнам дека лекот повторно го нема, ме фаќа паника. За мене тоа не е политика – тоа е секојдневен живот.“

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни