Глобална расправа за отпушоците од цигари: „Најдобро е целосно да се забранат филтрите“

Учесниците на глобалната конференција за контрола на тутунот, што ќе се одржи следната недела, ќе разгледуваат како да се справат со огромната количина отпушоци од цигари кои го загадуваат светот. Некои од нив ќе препорачаат целосна забрана на филтрите.

„Најдоброто што можеме да го направиме за животната средина е да ги отстраниме филтрите целосно“, изјави во четвртокот Ендру Блек, вршител на должноста раководител на секретаријатот на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација за контрола на тутунот (FCTC).

Филтрите – најголеми загадувачи

Секретаријатот на FCTC соопшти дека пластичните филтри се најголем извор на загадување во светот: испуштаат токсични хемикалии во околината и се распаѓаат во микропластика.

Единаесеттата конференција на FCTC ќе се одржи во Женева од 17 до 22 ноември. СЗО во средата предупреди дека тутунската индустрија се обидува да се „инфилтрира“ и да ја поткопа важноста на конференцијата.

Според Блек, годишно во светот се фрлаат околу 4.5 билиони отпушоци, што ги прави најраспространетиот отпад на планетата. Тој нагласи дека отпушоците се токсични и претставуваат значителен извор на пластично загадување поради небиеоразградливите филтри, кои, дополнително, „не обезбедуваат никаква значајна безбедност при пушење“.

Рудигер Крек, раководител на одделот за животна средина и климатски промени во СЗО, оцени дека „е крајно време оваа пластика да се забрани“, бидејќи токму отпушоците се најголеми загадувачи во водите и содржат опасни токсини.

Одлуката ќе зависи од државите

Иако FCTC е во сила од 2005 година и ја имаат ратификувано околу 180 држави, секоја земја ќе одлучува самостојно кои мерки ќе ги примени.

Конвенцијата донесе низа мерки за контрола на тутунот, меѓу кои: здравствени предупредувања на пакувањата, забрани за пушење во затворено и повисоки даноци за тутунските производи.

Милјони жртви годишно

Блек порача дека на конференцијата ќе се носат одлуки што ќе го определат идниот тек на глобалната епидемија од тутун. Повеќе од седум милиони луѓе годишно умираат од последици поврзани со пушење – бројка која, според него, е „целосно спречлива“.

На дневен ред ќе бидат и теми како „агресивниот маркетинг“ на производители на тутун и растечката загриженост за бројот деца вовлечени во зависност преку нови тутунски и никотински производи.

Според првата глобална проценка на СЗО за употребата на е-цигари, повеќе од 100 милиони луѓе во светот ги користат, меѓу кои најмалку 15 милиони тинејџери на возраст од 13 до 15 години.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека иако е-цигарите често се промовираат како побезбедна алтернатива, „нема докази дека се корисни за јавното здравје, а доказите за нивната штетност растат“.

Обиди за влијание од индустријата

Тедрос предупреди дека тутунската индустрија е мотивирана „исклучиво од профит“ и се обидува да влијае врз работата на конференцијата.

Бен МекГрејди од СЗО додаде дека индустријата „лобира како никогаш досега“ и се обидува да создаде раздор, при што новите производи ги промовира со светли бои и слатки вкусови – особено атрактивни за децата.

Поради алармантниот пораст на употребата на е-цигари меѓу младите, СЗО се залага за целосни забрани за рекламирање, промоција и спонзорство на тутунски производи, вклучувајќи ги и електронските цигари и никотинските вреќички.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни