Според најновиот Глобален индекс на мирот за 2025 година (Global Peace Index 2025), објавен од Institute for Economics and Peace (IEP), Русија е прогласена за најнесигурна земја во светот, додека Исланд по 17-ти пат останува на врвот како најмирна и најбезбедна држава.
Извештајот анализира 163 земји и територии, оценувајќи ги според повеќе фактори, меѓу кои нивото на насилство, воени конфликти, политичка стабилност, степен на криминал и воена потрошувачка.
Русија се најде на последното место поради војната во Украина, високото ниво на репресија, меѓународните санкции и политичката нестабилност. „Русија е држава со најниско ниво на мир во последните две децении,“ наведува извештајот, додавајќи дека конфликтите предизвикале „значителен пад во индексот на глобална стабилност“.
Од земјите во регионот, Украина е веднаш зад Русија по несигурност, додека Србија и Босна и Херцеговина бележат благо подобрување, иако и понатаму се во долниот дел на ранг-листата.
Најмирни земји во светот за 2025 година: Исланд, Ирска, Данска, Австрија и Нов Зеланд.
Од друга страна, најнесигурни држави според индексот се: Русија, Украина, Судан, Авганистан и Јемен.
Извештајот укажува дека светот станува сè понестабилен, при што половина од земјите бележат пад во нивото на мир поради растечки вооружени конфликти, политички преврати и терористички закани.
Во Европа, иако повеќето држави сè уште се рангирани високо, вкупниот регионален индекс се влошил поради зголемените воени инвестиции и геополитички тензии.