Глобалното истражување за употреба на тутун кај младите (GYTS) беше спроведено по четврти пат во Северна Македонија во периодот септември – декември 2024 година.
Во истражувањето беа опфатени 75 училишта низ државата, со ученици од основното образование.Целта на истражувањето е да обезбеди сигурни, стандардизирани и меѓународно споредливи податоци за употребата на тутун кај младите, кои ќе послужат како основа за креирање политики засновани на докази и поефикасни мерки за заштита на јавното здравје.
Според резултатите, 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ. Од нив, 9% користат електронски цигари.
Загрижувачки се и податоците за изложеност на тутунски чад: 57% од младите биле изложени на чад во својот дом, 55,4% биле изложени на чад во затворени јавни простори.
Дополнително, 73,2% од младите пушачи изјавиле дека не биле спречени поради нивната возраст при обид да купат цигари, што укажува на потреба од засилена контрола и спроведување на законските мерки.
Овие податоци претставуваат важна основа за понатамошно унапредување на стратегиите за превенција и намалување на употребата на тутун кај младата популација во земјата.