Мултидисциплинарниот уметник и изведувач од Скопје, Крсто Глигорјадис, е избран да учествува на Младинското Биенале 2025 (Bijenale Mladih) во Белград, организирано од Здружението на ликовни уметници на Србија (УЛУС). Глигоријадис е единствениот претставник од Македонија на овогодинешното издание со наслов „Уметноста како самоорганизирана стварност“.
Со перформансот „Распарчено тело“, Глигорјадис го продолжува своето истражување на машкоста, ритуалот и трансформацијата. Делото произлегува од неговиот претходен проект „Здолништето на татко ми“ и се развива во силна медитација за фрагментацијата, опстанокот и обновувањето. Настанот ќе се одржи на 01.10.2025 со почеток во 17:00 часот во Уметничкиот павилјон „Цвјета Зузориќ“, Мали Калемегдан 1, Белград.

„Од пустината на крутите норми, каде телата се кршат од насилство, а идентитетите се стеснуваат во тесни рамки, изникнува оаза. Тука расчленувањето станува опстанок, а опстанокот мит,“ вели Глигорјадис.
Врз основа на движења од понтските танци — некогаш врзани за строги родови улоги — перформансот го преосмислува телото како простор на отпор и преобразба. Под влијание на екофеминистичката мисла и принципите на пермакултурата, „Распарчено тело“ го замислува телото не како фиксна форма, туку како жив екосистем: меѓузависен, ранлив и издржлив.
Крсто Глигорјадис (р. 1996, Скопје) е мултидисциплинарен визуелен уметник и изведувач чија практика ги спојува ритуалот, митот и современите прашања за машкоста. Првично обучен во правото и педагогијата, а потоа финализиран во графичкиот дизајн и визуелните уметности, тој преку перформанс, инсталација и партиципативни дела ја преиспитува машката идентитетска улога, ранливоста и одговорноста во шовинистичкиот културен контекст.

За Глигорјадис, перформансот е „терапевтски ритуал“ — простор каде личната траума се преобразува во колективно преиспитување. Неговата практика фокусирана на телото ги предизвикува наследените родови улоги и отвора можности за исцелување, емпатија и одговорност.
Младинското Биенале 2025 се одржува под темата „Уметноста како самоорганизирана стварност“ и обединува млади уметници од регионот и пошироко. Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница: https://bijenalemladih.ulus.rs/bijenale-mladih-2025-umetnost-kao-samoorganizovana-stvarnost/