Гласот кој руши бариери: Гере Трипков за храброста да се биде свој

„Верувајте, сите имаме што да научиме еден од друг. Како јас изгледам е најмалку битно, и не ме дефинира како човек. Но она што можам да го искажам, пренесам и артикулирам преку забава, уметност, спорт, музика, е нешто што треба сите да сме отворени да го примиме. А од таму, веќе се е полесно. Срцето ќе направи простор за разбирање и поддршка“, Гере Трипков, искрено за Трн.мк. Во светот каде што различноста често се доживува како пречка, Гере ја претвора во сила. Преку личната борба, тој создаде мисија – да го направи општеството поотворено, поемпатично и похумано. Во ова интервју зборува за предрасудите, за љубовта како двигател, за животните лекции, но и за Инфјужн – фестивалот што секоја година ја слави инклузијата преку уметност, енергија и заедништво.

Трн: Која мислиш дека е најголемата заблуда што луѓето ја имаат кога ќе видат лице со попреченост?

Гере: А што ако лицата со попречености имаат способности како и сите останати?

Што доколку тие се поспособни за одредени работи во животот од сите останати?

Мислам дека не се обидуваме да се разбереме, да се прифатиме, да си пружаме поддршка. Само така може да го спознаеме другиот/та. Лично познавам лица со попречености кои имаат особени таленти и амбиции, кои се општествено ангажирани или делуваат во рамки на нивните заедници, инспирираат, рушат стереотипи и бариери.

Трн: Кога и како дојде моментот наместо болката да ја ставиш свеста во фокус – и да почнеш да ја користиш сопствената приказна како платформа за промени?

Гере: Нешто во мене тлее од мали нозе. Иако бев модел долги години, прибрав еден куп дипломи, работев низ низа високи државни институции, во дипломатија, прошетав низ светот… Сепак не докрај се чувствував исполнет, среќен. Во моментот кога докторите ми открија дека имам вродена мана, почувствував како нешто во мене да се трансформира. И оттогаш, почнав да се себеспознавам одново и одново. Не ме исполнуваа рутинското секојдневие и исполнувањето на краткорочните каприци. Повеќе ме интересираше како можам да бидам јас ЈАС. Сосем природно во целата мака и шок, како лице од здраво-право да заврши во инвалидска количка, пораснав како човек. И сфатив дека имам посебна мисија, да станам гласноговорник за тоа што е правилно, добро. И од тој ден, повеќе ништо не беше исто како претходно.

Трн: Колку се менуваа твоите соништа и стремежи – и што значи успех за тебе денес?

Гере: Успехот е релативна работа. Исто како и среќата, која е непостојана. Не треба да целиме кон успехот како признание, ами како нешто кое пружа прогрес, трансформација, поддршка, придвижување. Во секоја смисла, на индивидуално, групно ниво, локално, регионално или национално или пак во рамки на заедниците каде функционираме. За мене успех е да имаш семејство кое те поддржува и го поддржуваш. Од таму ја црпиме енергијата да правиме промена и надвор од нашата најблиска околина. Успехот доаѓа од нешто што е поголемо од нас самите. Дали тоа што го правиме е исклучиво наш квалитет или користи и некому во околината или има поголема цел? Јас сум достоен на мојот животна мисија: Ова што го правам е поголемо од мене и инспирира промена не само во моето постоење, туку и во животот на други луѓе!

Трн: Што ти помогна да не потонеш, што беше твојата сила?

Гере: Мојата сила е мојата љубов кон себе и кон другите. Имам голема љубов, која неизмерно ја пружам наоколу. Но, повторно, тоа не сум јас, тоа е Бог! Бог, кој ми дава сила да ја пренесам на другите. Не можев да посакам поубав живот. Не можев да бидам помоќен кога ми е дадено да искусувам толку многу љубов.

Денес од оваа перспектива на 43 годишен човек разбирам: Животот е поглавје во кое страниците се новите денови, а кориците се почетокот и крајот. Наше е да разбереме дека времето е ограничено. Дека помеѓу кориците има 100 страници, како 100 години, кои минуваат како кога читаме книга. И дека тоа што било во изминатите страници ни дава моќ за тоа што ќе го сториме денес да има значење во утрешниот ден!

Трн: Ова е веќе четврто издание на фестивалот Инфјужн, кој претходно се нарекуваше Фестивал на инклузија. Како започна оваа иницијатива? Кој беше клучниот момент што те натера да го направиш првото издание?

Гере: Тврдам дека меѓусебното зближивање и разбирање на луѓето може да се случи само ако дозволиме да се поврземе преку нешто што на сите ни е природно, а тоа е забавата, уметноста, културата. Токму затоа, мора да ги приближиме децата и најмладите преку уметност и забава, возрасните преку музика и театар, а сите останати преку поддршка и искрена енергија, која е нашата водилка. Нималку не е лесно да објасните на тие што треба да ве поддржат, што е тоа инклузија, зошто им е тоа потребно токму нив и на општеството. Фестивалот на инклузија започна како еднодневен настан во мојот Аеродром, но осознавме дека потребна ни е поголема вибрација и еден ден е премалку за да останеме во срцата на нашите посетители, вдахнувајќи љубов и инспирација.

Трн: Зошто го смени името во Инфјужн? Што значи тоа име за тебе?

Гере: Во нашата борба за инклузивност, и ние како промотори на овој процес, почнавме да се групираме од оние „неинклузивните“, и наместо да се приближиме, можеби се одвоивме, па сега уште повеќе се делиме на две страни, преку ѕидовите кои ги изградивме.

Инфјужн е фестивал за сите! Инфјужн, инфузија, е симболички термин кој за нас значи пренесување на позитивна енергија, љубов и прифаќање. Се надеваме дека секоја година преку „дозата инфузија“ луѓето ќе ги инспирираме да бидат посреќни, поотворени да споделуваат. Тргнуваме од децата, најмладите, тие се оние кои треба да градат заедничка и убава иднина. Но не забораваме и на тинејџерите, младите лица, кои денес се носечката сила за подобрo утре и за одлична иднина. Но несомнено, ќе пружаме одлична програма и за повозрасните.

Трн: Што може публиката да очекува оваа година – какви се програмските содржини и на кои локации ќе се одвиваат активностите?

Гере: Си зададовме високи цели за овогодинешното четврто издание на Инфјужн – Фестивалот на инклузија, кој ќе се одржи од 11 до 15 јуни 2025 година.

Низ 30 настани на 5 локации, со база во Паркот Македонија, Општина Кисела Вода, Домот на култура „Биљана Беличанец“, Амигос, Музеј на современата уметност, Театар Комедија, за прв пат еден фестивал ќе се обиде да одговори на потребите за учество во културниот живот на сите сограѓани, вклучително на лицата со попречености.

Целосната програма нуди свежина, енергичност, убавина…

Перформансот на Дуото СКИН од Германија, работилници за театар и театарски претстави, музејски тури, музички концерти на млади изведувачи, за прв пат толкувани и на знаковен јазик, спортски активности, гејминг и друштвени игри, работилници за деца, форум, базар на организации и локални иницијативи, работилница за поезија и ораторство, тивки дружби во кафуле, утринска јога и будење со латино танци во магичниот парк, читање книга во длабоките сенки на дрвјата со кафе.

Трн: Кој ти е најемотивниот момент досега поврзан со фестивалот?

Гере: Најемотивниот момент се случува одново и одново, на секој еден фестивалски настан.

Кога ги гледам моите другарки и другари како гордо настапуваат, независно дали е концерт, претстава, работилница, танцување, спорт. Кога разбирам дека преку нашиот фестивал се охрабруваат најмладите да се поврзуваат ппреку уметноста, спортувањето, глумата, музиката.

И независно од тоа дали имаат или немаат попреченост, бидејќи за најмалите не постои попреченост. Тоа се ѕидовите, кои ние возрасните им ги градиме во нивното детство, за да се подвоиме на две страни, да се отуѓиме, да се обележиме како „наши“ и „туѓи“.

Трн: Колку мислиш дека е достапна културата за лицата со попреченост кај нас – не само физички, туку и суштински?

Гере: Суштински и физички културата кај нас е далеку од светските текови. Секој еден настан кој го организираме одзема дупло или тродупло повеќе енергија, разговори, прилагодувања од било кој друг настан каде лицата со попреченост не се учесници. Следствено, нашата културна сцена е далеку од подготвена да одговори на сите потреби и апетити на Инфјужн фестивалот, но и на нашата  публика.

Трн: Кој би бил твојот апел до културните институции – што би требало прво да се промени за навистина да бидат инклузивни?

Гере: Ние како организација, Икуалити, ќе се трудиме да создаваме пристапна култура со долгорочна мисија и значење. Системски да го менувате тоа, а да сте надвор од институциите и имате мало влијание, тоа е сериозен и комплексен процес. Но, би апелирал, како што тоа е случај со институциите кои ги инволвираме и каде сме наишле на отвореност, да ги отворат вратите за нови културни концепти и проекти. Ние ќе го трасираме патот, ќе ги поддржиме, ќе им понудиме меѓународни искуства и експертска помош.

На нив, Министерството за култура, Владата, општините и сите културни институции е да ги чујат нашите мислења и ставови дека во XXI век потребно ни е да размислуваме за создавање непречено учество во културата на сите, а не исклучиво на избраните!

Трн: Што е потребно младите луѓе да го научат за инклузијата – и како фестивалот придонесува за тоа?

Гере: Иако сите сме оригинални на свој начин, сите имаме потреба за прифаќање, љубов, поддршка, соработка. Да си дадеме едни на други шанса, да си подадеме рака.

Верувајте, сите имаме што да научиме еден од друг. Како јас изгледам е најмалку битно, и не ме дефинира како човек. Но она што можам да го искажам, пренесам и артикулирам преку забава, уметност, спорт, музика, е нешто што треба сите да сме отворени да го примиме. А од таму, веќе се е полесно. Срцето ќе направи простор за разбирање и поддршка.

Трн: Кога ќе се погледнеш денес во огледало, што гледаш? Манекенот од минатото, активистот на сегашноста, или нешто трето?

Гере: Денес гледам една душа полна енергија и љубов. Гледам нешто повеќе од физичко битие.

Гледам сила која има можност да ги промени работите, но и треба поддршка од општеството, од младите, од емпатичните, од чесните и искрените животољупци.

Гледам сопруг. Гледам син. Гледам брат.

Гледам возбудено дете во наметка на возрасен човек.

Трн: Кој ти е најголемиот сон поврзан со фестивалот?

Гере: Како вечен мечтател, сонувам Инфјужн да донесе мир, љубов и поврзување меѓу луѓето. Да воскликне длабоки човечки вредности, правичност, совесност. И секако, да ги охрабри лицата кои живеат изолирани и да ги зближи со останатите.

Трн: И за крај – што би сакал луѓето да понесат со себе по посетата на Инфјужн?

Гере: Љубов, сила, слобода. 

За живот, за себе и за другите, спокој во душа, мотивација за подобро утре!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни