Светот во сабота го чека гласањето во ОН за Ормускиот Теснец

По дипломатскиот притисок, Бахреин поднесе ублажен предлог што предвидува само одбранбени мерки за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец.

Советот за безбедност на Обединетите нации во сабота треба да гласа за ревидираната резолуција на Бахреин за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец, откако првичниот предлог беше ублажен по силното противење од Русија, Кина и Франција. Наместо формулација што можеше да отвори простор за поширока употреба на сила, новиот текст дозволува само одбранбени мерки за обезбедување безбеден премин на бродовите низ еден од најважните светски енергетски коридори.

Првичната верзија на нацртот предвидувала земјите да можат да ги употребат „сите потребни средства“, што во пракса можеше да се толкува и како можност за воена акција. По дипломатските реакции, Бахреин поднесе нов текст во кој се зборува за „сите потребни одбранбени средства“ соодветни на околностите во Ормускиот Теснец и соседните води, за период од најмалку шест месеци. Земјите што би дејствувале самостојно или во рамки на мултинационални поморски партнерства ќе треба однапред да го известат Советот за безбедност.

Русија и Кина јавно предупредија дека какво било одобрување за употреба на сила може дополнително да ја влоши кризата, додека Франција инсистираше на пристап што ќе остане строго одбранбен. Токму поради тие резерви, гласањето, кое првично се очекуваше во петок, е одложено за сабота за да продолжат разговорите и да се намали ризикот од вето.

Постојаниот претставник на Франција во ОН, Жером Бонефон, исто така повика на деескалација, велејќи му на Советот дека „мора да се охрабруваат одбранбени мерки што избегнуваат каква било поширока употреба на сила“. Подоцна тој посочи дека новиот нацрт, фокусиран на одбраната, може да биде прифатлив.

Ормускиот Теснец е од клучно значење за светската економија, бидејќи низ него минува околу една петтина од глобалната трговија со нафта. Ограничувањето на пловидбата веќе придонесе за раст на цените на енергијата и ја зголеми меѓународната загриженост, па резолуцијата на Бахреин се гледа како обид да се воспостави побезбедно движење на комерцијалните бродови без дополнителна воена ескалација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни