Од април 2023 година, Судан е во граѓанска војна помеѓу државната армија (SAF) и паравоената група RSF (Rapid Support Forces). Конфликтот предизвика масовни раселувања — над 12 милиони луѓе се внатрешно раселени, а над 4 милиони ја напуштија државата. Војувачките страни ја користат гладта како оружје — го блокираат хуманитарниот пристап, ги напаѓаат конвоите со храна, и го уништуваат локалното земјоделство.
Земјоделското производство е опадна за речиси 50%, а во некои региони како Дарфур, Нуба и Камповите околу Ел-Фашер, децата умираат од глад и болести на секои два часа.
Зошто е Судан „невидлив“ или „за рамнодушноста на прогресивците“
Медиумите во светот интензивно ја покриваат Газа: постојани новинари, камери, извештаи, протести, политички драми. Судан, пак, е тивка војна — комплицирана, фрагментирана, и пред сè, далеку од очите. Новинарите немаат пристап, интернетот често не функционира, а злосторствата тешко се документираат.
Иронично, многу од оние кои се гласни за човекови права, за климатска правда, или за Украина или Палестина — остануваат необјасниво тивки кога станува збор за Африка. Гладот во Судан не е тренд на Инстаграм. Нема познати лица, нема слогани, нема песни. Но страдањето е реално. Со секое молчење, со секое игнорирање, ние стануваме соучесници.

Огромен дел од Судан е недостапен за хуманитарна помош. Обете страни во конфликтот ги користат цивилите како заложници — го блокираат Црвениот крст, ја напаѓаат ОН, ги ограбуваат магацините. Безбедноста на теренот е катастрофална, а 90% од гладните луѓе се во зони каде што никој не може да стигне.
За разлика од Газа, за Судан нема организирани глобални движења. Африканските дијаспори се маргинализирани, а меѓународните невладини организации едвај се слушаат. Нема протести во Лондон, Берлин или Њујорк. Нема билборди. Само глад — и молк.
Суданскиот „данок на војната“
Човечкиот данок на кризата во Судан е застрашувачки и сè уште далеку од очите на светот. Повеќе од 30 милиони луѓе имаат итна потреба од храна, вода, засолниште и медицинска нега. Од нив, дури 16 милиони се деца — изгубени во хаосот на војна и глад, заборавени од меѓународната заедница.
Здравствениот систем е речиси целосно уништен. Според податоците на ОН, над 70 проценти од болниците низ земјата се затворени или нефункционални. Таму каде што сè уште има болничари, недостига основна опрема, лекови и дури и вода за пиење. Во услови на нечистотија и нехигиена, се шират заразни болести — колерата, денгата и маларијата се вратија со полна сила, носејќи смрт на ослабени тела што веќе гладуваат со месеци.

Во кампот Замзам, каде што илјадници семејства се обидуваат да преживеат во импровизирани засолништа, ситуацијата е уште потрагична. Според Лекари без граници, секои два часа умира едно дете. Без храна, без вакцини, без надеж. Многу од нив умираат без никогаш да бидат евидентирани.
А додека сето ова се случува, хуманитарниот одговор е поразително недоволен. Обединетите нации алармираат дека нивните фондови за Судан се финансирани со само 21 отсто од потребните средства — што значи дека милиони ќе продолжат да гладуваат, да страдаат и да умираат, не затоа што нема ресурси, туку затоа што светот одбива да погледне.
Користени извори:
World Food Programme: wfp.org
UNICEF: unicef.org
UN Geneva: ungeneva.org
Al Jazeera: aljazeera.com
The Guardian: theguardian.com
FT Opinion: ft.com
MSF Médecins Sans Frontières https://www.msf.org/sudan