Ѓорѓиевски најавува тендер за БРТ во 2026: Проектот наследен од Шилегов повторно на маса

Проектот, наследен од Петре Шилегов и финансиран со заем од ЕБОР, повторно се актуелизира по неколкугодишен застој.

Тендерската постапка за системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје ќе биде распишана во втората половина од 2026 година, а реализацијата на терен се очекува во 2027 година, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во интервју за Радио Слободна Европа.

Според него, по тримесечна постапка е одблокиран процесот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што овозможува проектот повторно да се активира. Ѓорѓиевски нагласи дека БРТ е наследен проект од администрацијата на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но најави дека ќе биде ревидиран и проширен.

„Ние ќе имаме доволно капацитет да го покриеме цело Скопје. Затоа ни треба додавање на тие две траси. Едната е Радишани, едната е кон Драчево, каде што на граѓаните ќе им овозможиме комфорен транспорт од точка А до точка Б и притоа што помалку да користат сопствени автомобили“, изјави Ѓорѓиевски.

Што е БРТ и како започна проектот?

БРТ (Bus Rapid Transit) е систем на брз автобуски превоз со физички одвоени ленти, приоритет на семафори и валидирање билети на самите станици, со цел да понуди побрз и попредвидлив јавен транспорт.

Во 2020 година ЕБОР одобри заем од 70 милиони евра за воведување на БРТ во Скопје во рамки на програмата „Green Cities“. Финансискиот пакет беше поделен во две фази: до 40 милиони евра за источна–западна линија и до 30 милиони евра за северна–јужна линија.

Заемот го презеде државата преку Министерството за финансии и го пренесе кон Град Скопје како имплементатор.

Во април 2021 година беше соопштено дека Скопје ќе стане првиот град на Западен Балкан со ваков систем. Проектот предвидуваше:

  • Линија 1 (исток–запад): Ѓорче Петров – Ново Лисиче (12,8 км, 21 станица).
  • Линија 2 (север–југ): Бутел – Кисела Вода (10,4 км, 20 станици).
  • Одвоени коловозни ленти (дел со зелен појас).
  • Оперативна брзина до 50 км/ч.
  • Ново депо во Ново Лисиче.
  • Хибридни и еколошки возила.

Дополнително, преку WBIF беа предвидени и грантови од 2,4 милиони евра за инвестиции и 0,25 милиони евра за техничка помош.

Зошто беше стопиран?

По локалните избори во 2021 година, администрацијата предводена од Данела Арсовска го стопираше проектот, наведувајќи технички и правни недоследности и потреба од ревизија.

Во август 2024 година Советот на Град Скопје не ја донесе одлуката за продолжување на имплементацијата, со образложение дека во буџетот нема обезбедени средства, по што проектот остана во застој.

Каде оди БРТ сега?

Со најавата на Ѓорѓиевски за распишување тендер во 2026 година и можност за проширување на трасите кон Радишани и Драчево, БРТ повторно станува актуелна тема во градската политика.

И покрај тоа што финансиската рамка и основниот концепт постојат веќе неколку години, реализацијата останува условена од институционални одлуки и политичка поддршка. За град кој се соочува со хроничен метеж и загадување, БРТ се претставува како потенцијална структурна реформа – но засега сè уште е проект во најава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни