Ѓорѓи Ѓоргиев: Личните приказни потсетуваат дека никој не е сам

Преку својот поткаст и разговори со гости од различни животни и професионални сфери, Ѓорѓи Ѓоргиев се обидува да ја отвори темата за менталното здравје и да покаже дека искрените приказни можат да им помогнат на луѓето да се почувствуваат помалку сами.

Ѓорѓи Ѓоргиев е млад човек кој преку својата работа со деца и нивната едукација, како и преку својот поткаст, се обидува да ја подигне свеста за важноста на менталното здравје кај сите генерации. Неговата идеја е едноставна, но важна – разговорот за тоа како се чувствуваме не треба да биде реткост, туку дел од секојдневниот живот.

Преку разговори со гости од различни професии и животни искуства, тој се обидува да покаже дека менталната состојба (без разлика дали е добра или тешка) не бира меѓу луѓето. Таа може да го засегне секој од нас, без оглед на професијата, возраста или животниот пат. Токму затоа, наместо да остане скриена тема за која се зборува тивко или во тесен круг, менталното здравје треба да стане отворен разговор во кој секој може да ја сподели својата приказна.

Неговиот поткаст започнува со едно навидум едноставно прашање, но токму во тоа прашање се крие суштината на неговата идеја: да се застанеме барем на момент и искрено да се размислиме за сопствената состојба. Преку ваквите разговори, Ѓоргиев се обидува да покаже дека менталното здравје не треба да се смета за табу тема, туку за природен дел од секојдневието и човечкото искуство.

Трн: Твојот поткаст секогаш започнува со едноставното, но суштинско прашање „Како си?“. Ако едно искрено „како си“ може да отвори разговор за менталното здравје, зошто толку ретко си го поставуваме тоа прашање навистина сериозно?

Ѓорѓи: Мислам дека една од причините е тоа што живееме многу брзи животи. Постојано брзаме од една обврска во друга и некако забораваме да застанеме. Не само да ги прашаме другите како се, туку и самите себе да си го поставиме тоа прашање.

А кога ќе го поставиме, многу често го поставуваме како навика и поздрав, а не како вистинско прашање на кое очекуваме искрен одговор.

Интересно е што откако почнавме со поткастот, јас почнав поинаку да го доживувам тоа прашање. Дури и кога во моментот не можам да одговорам искрено, бидејќи не секоја ситуација го дозволува тоа, сепак во себе застанувам и размислувам: „Како сум навистина?“ и „Зошто се чувствувам така?“

И мислам дека токму тука почнува разговорот за менталното здравје – во моментот кога барем на кратко ќе застанеме и искрено ќе си го поставиме тоа едноставно прашање.

Трн: Во разговорите со различни гости често се отвораат многу лични приказни. Дали мислиш дека кај нас сè уште постои страв да се зборува за менталното здравје или токму новите медиуми и подкастите полека почнуваат да го рушат тој табу?

Ѓорѓи: Верувам дека сè уште постои одреден страв да се зборува за менталното здравје, но истовремено мислам дека новите медиуми, особено поткастите, почнуваат полека да го рушат тој табу.

Една од причините зошто ние одлучивме токму преку поткаст да го отвориме разговорот за ментално здравје е тоа што поткастот како медиум дозволува еден автентичен и подлабок, поискрeн разговор. А во моментот во кој што се наоѓаме со социјалните медиуми, каде што сè е совршено и може да биде „фејк“, ни треба автентичност.

Уште на самиот почеток им кажав на тимот дека не сакам да разговараме само со професионалци од областа на менталното здравје (психолози, психотерапевти или психијатри), туку и со луѓе од различни сфери на животот. Сакавме да зборуваме за тоа што значи менталното здравје за нив, како тие го доживуваат во сопствениот живот и како се справуваат со предизвиците што ги носи животот.

Интересно е што речиси секогаш кога ќе поканам некого, првото прашање што го добивам е: „Што имам јас да зборувам за ментално здравје?“ А токму затоа и ги поканувам – секој еден од нас има своја лична приказна која може некому друг да му помогне или да направи да се почувствува помалку сам.

Кога гости ни се професионалци, навлегуваме подетално во темите и стручната страна на менталното здравје. Но исто толку се важни и личните приказни на луѓе кои секојдневно живеат со тие предизвици.

Трн: Во поткастот разговараш со луѓе со различни животни и професионални профили. Што најмногу те води кога ги избираш гостите – приказната што ја носат, искуството што го имаат или нешто трето?

Ѓорѓи: Искрено, немам некое строго правило кога ги избирам гостите. Најмногу ме води тоа дали некој е подготвен да биде отворен и искрен и да зборува за тоа што размислува, што му се случува и како се справува со предизвиците што животот ги носи.

Важно е да се спомне дека се трудиме да имаме баланс помеѓу различни видови гости – од една страна професионалци од областа на менталното здравје, а од друга страна „обични луѓе“ со свои лични приказни.

Како домаќин, и јас поинаку ги водам тие разговори, затоа што линијата е прилично тенка кога станува збор за сериозни теми од менталното здравје – помеѓу лично искуство и факти.

Кога разговарам со експерти, разговорот оди повеќе во насока на стручност и информации. А кога гости ни се луѓе кои зборуваат од лично искуство, мојата цел е пред сè да им дадам простор да ја раскажат својата приказна.

Трн: Младите денес живеат помеѓу амбиции, несигурност и постојан притисок да „успеат“. Според разговорите што сте ги воделе, што најмногу ги оптоварува младите во Македонија денес?

Ѓорѓи: Од разговорите што ги водиме на самиот поткаст, мислам дека младите денес најмногу ги оптоварува чувството дека постојано мора да бидат успешни, сигурни во себе и да имаат јасна насока – а реалноста често не изгледа така.

Една книга што многу ми помогна подобро да ја разберам оваа тема е „Анксиозна генерација“ од Џонатан Хајд. Токму затоа ѝ посветивме време и во неколку епизоди од поткастот. Во книгата тој зборува за тоа дека денес се соочуваме со вистинска епидемија на проблеми со менталното здравје кај младите.

Една од причините што ја посочува се социјалните медиуми и новите технологии, кои создаваат постојан притисок за споредување, за перфекција и за тоа како треба да изгледа „успешниот“ живот.

Кога тоа ќе го споиме со реалните животни несигурности (образование, работа, иднина) добиваме генерација која има многу потенцијал, но истовремено носи и многу анксиозност.

Трн: Што е најважната лекција што младите, но и општеството воопшто, треба да ја научат кога станува збор за менталното здравје?

Ѓорѓи: Една од најважните работи што јас лично ги научив во овие две години преку поткастот е идејата дека не постојат „добри“ и „лоши“ чувства – туку пријатни и непријатни.

Често се обидуваме да ги оттурнеме или игнорираме непријатните чувства (како тага, страв или анксиозност) како да се нешто што не треба да го чувствуваме. Но тие се дел од човечкото искуство.

Она во што јас верувам, и што се обидувам да го практикувам во сопствениот живот, е да си дозволам да ги почувствувам чувствата, без разлика какви се тие. Бидејќи само кога ќе си дозволиме да ги проживееме, можеме вистински да ги разбереме и потоа да направиме чекор напред.

Мислам дека тоа е важна лекција и за младите, но и за општеството воопшто: дека менталното здравје не значи секогаш да се чувствуваме добро, туку да знаеме како да се справуваме со сите чувства што ги носи животот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни