Ѓоковиќ стигна до 101. титула во кариерата

Со оваа победа, Ѓоковиќ се доближи на само две титули од Роџер Федерер на вечната листа на шампиони

Српскиот тенисер и за многумина најдобар тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ денеска ја освои својата 101. титула во кариерата.

Тој по голема борба успеа да триумфира над Италијанецот Лоренцо Мусети во финалето на турнирот во Атина. По повеќе од два и пол часа интензивен тенис, Ѓоковиќ славеше со пресврт 4-6, 6-3, 6-4 и уште еднаш потврди дека е еден од најголемите во историјата на овој спорт.

Во преполната „ОАКА Арена“, Ѓоковиќ уште еднаш покажа карактер и ментална сила. Иако го загуби првиот сет по одлично издание на Мусети, Србинот потоа го подигна нивото на игра и со агресивен пристап и прецизност на сервисот успеа да направи целосен пресврт. Клучен момент беше брејкот во вториот сет, кој му овозможи да ја преземе контролата врз мечот и да ја пренесе психолошката предност во одлучувачкиот дел.

Со оваа победа, Ѓоковиќ се доближи на само две титули од Роџер Федерер на вечната листа на шампиони. Швајцарецот има 103 трофеи, додека на врвот останува Американецот Џими Конорс со 109 освоени турнири. Дополнително, Новак стигна до својата 72. титула на тврд терен, со што го надмина токму Федерер и стана најуспешниот тенисер на таа подлога во историјата.

За Лоренцо Мусети, ова финале беше од огромно значење во борбата за место на Завршниот мастерс во Торино. Сепак, по поразот од Ѓоковиќ, Италијанецот остана без пласман, а последното место на турнирот му припадна на Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим, освен ако Новак не се повлече пред почетокот на натпреварувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни