Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ не успеа да најде решение за Карлос Алкараз во финалето на Австралија опен. Беше на чекор до својата 25. гренд слем титула, но застана на последната пречка – на големо разочарување на мнозинството љубители на тенисот кои го следеа спектаклот во финалето на првиот гренд слем во сезоната.
Сепак, „Род Лејвер“ арената беше сведок на феноменална борба меѓу двајца врвни тенисери, во која младоста на крајот надвладеа. По свечената доделба на трофејот, Ѓоковиќ ѝ се обрати на публиката и ја искористи приликата да го пофали својот млад ривал.
Ѓоковиќ: „Финалето може да се опише со еден збор – историја“
„На самиот почеток – Карлосе, честитки. Неверојатен турнир, неверојатни неколку недели. Честитки и до твојот тренер, тимот и семејството. Најдобриот збор со кој можам да го опишам ова финале е – историја. Толку си млад кога станува збор за кариерата, а и јас сум, па ти посакувам да продолжиш вака“, изјави српскиот тенисер.Тој потоа им се заблагодари и на членовите на својот тим:
„Исто така, морам да му се заблагодарам и на мојот тим за неверојатната поддршка овде. Беше вистинско задоволство да се ‘плови’ низ овој турнир со вас. Ме бодревте од мојот бокс и ме поддржувате континуирано во изминатите години. Вашиот успех е и мој успех.“
Посебна порака до Рафаел Надал Ѓоковиќ имаше и емотивни зборови за Рафаел Надал, кој финалето го следеше од трибините:
„Само уште неколку зборови. Искрено, многу е чудно да те гледам на трибините, а не овде на теренот. Сакам да кажам дека беше чест да го делам теренот со тебе. Убаво е што си тука, но истовремено ми е и навистина необично. Тука има толку многу шпански легенди – мислам дека ова не беше фер“, рече Ѓоковиќ со насмевка.
„Вербата во себе е клучна“
Иако не стигна до 25. гренд слем титула во кариерата, Ѓоковиќ продолжува да испишува историја во Австралија:
„Ова е 21. година како играм во Австралија. Вербата во себе е неопходна кога играте на вакво ниво и против вакви противници. Да не верував во себе, немаше да можам ни да замислам дека ќе бидам во позиција да стојам на подиумот на еден гренд слем турнир. Само Бог знае што нè чека утре, во наредните шест месеци или една година. Ви благодарам многу.“
