Новак Ѓоковиќ, во интервју првпат се обрати во 2026 година и зборуваше за сè што му се случувало и како се чувствува.
Најпрво се осврна на фактот дека по 21. пат ќе настапи на Австралија опен.
„Среќна Нова година на сите. Прекрасно е што повторно сум тука, по 21. пат на Австралија опен. Уште во 2005 година првпат се квалификував за Грен слем тука, играв на Род Лејвер арената против Марат Сафин, кој подоцна ја освои титулата. Секогаш сакам да играм во Австралија“, започна Ѓоковиќ.
Потоа зборуваше за тоа дали сè уште го брка 25. Грен слем трофеј.
„Имаше многу приказни околу 25. Грен слем. Фокусиран сум на она што сум го направил, а не на она што би можел. Бројката 24 не е лоша, сакам да го намалам притисокот врз себе. Притисок секогаш има, но не го чувствувам менталитетот ‘сега или никогаш’. Благодарен сум што имам нова шанса, особено тука, каде што имам освоено 10 Грен слем титули. Последниве години играв полуфиналиња, а минатата година имав одлична победа против Карлос во четвртфиналето. Кога сум здрав и кога ќе се поклопат коцките, мислам дека можам да победам секого. Да не верував во тоа, немаше да седам тука. Сè уште имам мотивација. Разбирам дека Синер и Алкараз играат на друго ниво, но тоа не значи дека никој друг нема шанса. Секогаш ми се допаѓаат моите шанси“, порача Ѓоковиќ.
Му било потребно дополнително време за опоравување.
„Ми требаше време да се опоравам од последниот меч што го одиграв во ноември 2025 година. Генерално, се чувствувам добро и едвај чекам да се натпреварувам.“
Зборуваше и за тоа дека нема право да се жали, за разлика од некои други.
„Не знам дали би се согласил со тоа. Некои спортисти жалат што не оствариле одредена цел, но многумина – барем оние што сум ги слушал – го ценат она што го постигнале. Сè е прашање на лична перспектива. Јас сум последниот што треба да се жали – соборив речиси секој рекорд. Му сум благодарен на тенисот што ми овозможи да живеам сон, да патувам низ светот. Успесите се голема мотивација, но не се единственото нешто – интеракцијата со луѓето, љубовта кон играта, адреналинот кога излегуваш на терен. Тоа е како дрога. Често ме прашуваат кога ќе биде крајот, но сè уште не размислувам за тоа. Тука сум и се натпреварувам. Кога тоа ќе созрее во мојата глава, ќе го споделам со вас. Сега сум број четири во светот и се натпреварувам со најдобрите – нема потреба од таква дискусија.“
Се осврна и на одлуката да ја напушти PTPA.
„Беше тешка одлука, искрено, бидејќи бев еден од двајцата коосновачи на PTPA, заедно со Вашек. И двајцата вложивме многу срце, душа и енергија од 2020 година наваму. Мисијата беше јасна – да им дадеме посилен глас на играчите и да помогнеме поголем број од нив да можат да живеат од тенисот, особено на пониските нивоа.
Сметав и сè уште сметам дека системот мора да се промени. Но, почувствував дека моето име се користи премногу и дека луѓето мислат дека PTPA е ‘моја организација’, што никогаш не беше идејата. Не ми се допадна правецот во кој се движеше раководството и затоа се повлеков.
Тоа не значи дека не ја поддржувам PTPA. Им посакувам сè најдобро. Но визијата повеќе не ми е толку јасна како што беше во 2020 година. Ќе видиме што ќе се случи“, истакна освојувачот на 24 Грен слем титули.
Во првото коло на Австралија опен, Србинот ќе игра против Педро Мартинез, моментално 71. играч на светот.
На крај, објасни што му недостасувало против водечката двојка во модерниот тенис.
„Мене лично ми недостасува малку сила во нозете во завршниците на Грен слемите. Сепак, давам сè од себе. Изгубив три од четири полуфиналиња од Синер и Алкараз. Сите знаеме колку се доминантни. Јас сум број четири во светот и не сум опседнат со тоа, што е одлично и важно за ждрепката. Приоритет ми е грижата за телото. Секој меч се обидувам да го третирам како финале, но и да градaм моментум без непотребно трошење енергија. Се надевам дека ќе добијам шанса повторно да играм против нив“, заклучи Новак.
