Ѓоковиќ црпи инспирација од Роналдо, Леброн и Брејди: „Никаде не одам“

Новак Ѓоковиќ порача дека нема намера да се повлече во скоро време. Освојувачот на 24 гренд-слем титули откри дека неговата мотивација да продолжи со натпреварување доаѓа од светските спортски икони како кошаркарот Леброн Џејмс, фудбалерот Кристијано Роналдо и поранешниот НФЛ квотербек Том Брејди.

38-годишниот Србин, чија последна гренд-слем титула датира од 2023 година, сè уште не покажува знаци на забавување. Оваа сезона успеа да стигне до полуфинале на сите четири големи турнири и моментално се наоѓа меѓу петтемина најдобри тенисери во светот.

Во моментов, Ѓоковиќ настапува во Саудиска Арабија на егзибицискиот турнир Six Kings Slam, каде во полуфиналето се соочи со Италијанецот Јаник Синер за место во финалето против светскиот број еден, Карлос Алкараз.

„Долговечноста е една од моите најголеми мотивации. Навистина сакам да видам колку далеку можам да одам,“ рече Ѓоковиќ на форумот Joy Forum во Ријад.
„Ако погледнете во светот на спортот, Леброн Џејмс сè уште игра на највисоко ниво со 40 години, Кристијано Роналдо исто така, а Том Брејди играше до средината на четириесеттите. Тоа е неверојатно – и тие ме инспирираат.“

Освен личните амбиции, Ѓоковиќ истакна дека сака да биде дел од иднината на тенисот.

„Сакам да останам доволно долго за да сведочам и да бидам дел од промените што му претстојат на нашиот спорт,“ додаде тој. „Тенисот се менува и ќе продолжи да се менува. Сакам да помогнам во обликувањето на таа нова ера и да бидам на теренот кога ќе започне.“

Оваа година Ѓоковиќ ја освои својата 100-та титула во кариерата, во Женева. На прашањето дали младите ѕвезди, како Синер и Алкараз, ќе треба да го „натераат“ да се пензионира, тој одговори со насмевка:

„Жал ми е што ќе ги разочарам – но тоа нема да се случи.“

Извор: Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни