Лана Басаров, ученичка од прва година во СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ во Велес го освои првото место на општинскиот ораторски натпревар што попладнево се одржа во големата сала на Општина Велес, под нивно покровителство. На натпреварот учествуваа седум учесници од сите четири велешки средни училишта кои говореа под мотото „Збор со корен, глас со сила – Од длабочината до височината – ние сме гласот на она што тие го напишаа“.
Ученичката Басаров, која е под менторство на професорката Цветанка Карамаркова, изјави дека е пресреќна за освоеното прво место кое не го очекувала и појасни дека за натпреварот посветила многу време за овој говор, да го напише, како и доста време за вежбање на говорењето.
Воедно таа својот победнички ораторски говор ќе го прочита повторно на Свечената академија што ќе се одржи во петок, во Општина Велес, по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, кога и ќе ѝ биде врачена наградата.
На денешниот општински ораторскиот натпревар учество земаа седум ученици од четирите средни училишта во градот кои преку говорни вештини ја изразија својата почит кон делото на сесловенските просветители, браќата Свети Кирил и Методиј. Покрај Басаров учествуваа и Марко Варналиев од втора година од ОСУ „Јовче Тесличков“ и Суаде Јусуфи од трета година од истото училиште, под менторство на професорката Милка Петровски. Потоа Матеа Николова од втора година од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ под менторство на професорката Мариче Стојанова и Даниел Србов од трета година од ССОУ „Димитрија Чуповски“ под менторство на професорката Елеонора Игновска.