Минатогодишните 20 илјади посетители на првиот „Get EXITed“ во Струмица беа доволна провокација, но и мотивација за организаторите на овогодинешното издание да ги донесат Џон Њуман и Бурак Јетер со Констракта. Ова е само најава за дел од тоа што ќе се случува во градот под царевите кули на седми септември.
Основачот и директор на фестивалот Душан Ковачевиќ вели дека од првиот „Егзит“, гостите од земјава биле меѓу најбројните и посочи дека им е особено задоволство уште еднаш да ја донесат моќната енергија на фестивалот во Струмица.
„Минатогодишното издание навистина ги надмина сите очекувања, за време на настанот немаше слободно сместување во околината на Струмица, туристите дојдоа од целиот регион, а на седми септември со најголемите глобални и регионални имиња продолжуваме во уште посилен ритам“, рече Ковачевиќ.
Џон Њуман (Јohn Newman), суверената поп/соул ѕвезда со преку 2,5 милијарди стримови и песни кои беа високо на светските топ листи. Публиката во Струмица во живо ќе го посведочи неговиот настап, на кој ќе бидат изведени едни од највртените хитови.
Неговата професионална кариера е богата, а меѓу позвучните имиња со кои соработувал меѓу другите се и Дејвид Гета, Калвин Харис, Алесо, Рудиментал, Сигала, Најл Роџерс, Галантис и Кајго.
Како засилување на програмата доаѓа и турскиот продуцент Бурак Јетер (Burak Yeter) кој важи за хитмејкер и одличен диџеј со речиси милијарда стримови само на „Јутјуб“.
Иако по некој редослед Констракта се најде на крајот од оваа листа не значи дека е и помалку важна, напротив таа беше првата најава за тоа што се ќе понуди второто издание на „Get EXITed“. Констракта стана препознатлива по песната „In Corpore Sano“. „In corpore sano“ е дел од проектот „Triptih“, во кој се и песните „Nobl“ и „Mekano“, а авторка на сите текстови е самата таа.
Влезот за настанот е бесплатен, а заинтересираните посетители можат да купат карти само за во ВИП секцијата на овој ЛИНК