Германскиот железнички оператор DB Cargo, подружница на државната група Deutsche Bahn, најави укинување на 6.200 работни места како дел од обемен план за реструктурирање и стабилизација на бизнисот до 2030 година.
Според извршниот директор Бернхард Осбург, кратењата ќе опфатат речиси половина од вкупно околу 14.000 вработени со полно работно време во Германија. Намалувањето ќе се спроведе во повеќе сектори – транспорт, планирање, администрација, продажба и ИТ.
Планот за реструктурирање доаѓа откако Европската комисија одобри државна помош за DB Cargo, но под услов компанијата до крајот на 2026 година да постави основа за долгорочно одржливо и самостојно работење.
Во првата половина од минатата година, компанијата пријави оперативна загуба од 96 милиони евра. Претходните обиди за реорганизација, вклучително и планот на поранешната директорка Сигрид Никутта, беа негативно оценети од независни ревизори.
Новата среднорочна стратегија на Осбург се темели на четири столба и треба да се спроведе до 2030 година. Независна ревизорска проценка се очекува до крајот на месецот, а вработените и Надзорниот одбор веќе биле информирани.
Поради падот на побарувачката од клучните германски индустрии (автомобилската, хемиската и челичната ) DB Cargo планира да го пренасочи фокусот кон други европски пазари.
Компанијата има цел да ги намали трошоците за околу една милијарда евра до 2030 година. Во таа рамка, 4.000 работни места ќе бидат укинати преку оптимизација на процесите и зголемена ефикасност на возниот парк.
Дополнителни 2.000 работни места ќе бидат скратени во сегментот на товарен транспорт со „скратени“ композиции, кој ќе биде реорганизиран. Според Осбург, дури и по реорганизацијата, овој дел од бизнисот ќе продолжи да работи со загуба и ќе зависи од државна поддршка.
Реструктурирањето на DB Cargo претставува еден од најголемите зафати во германскиот железнички сектор во последните години и сигнализира подлабоки структурни предизвици во европскиот товарен транспорт.