Германските субвенции за електрични автомобили може да им помогнат на кинеските марки

Експертите предупредуваат дека програмата од 3 милијарди евра може да го наруши пазарот и да предизвика нов удар за домашната автомобилска индустрија.

Враќањето на субвенциите за електрични автомобили во Германија, наместо да им помогне на домашните производители, може да предизвика контраефект и да оди во корист на кинеските марки, кои ќе ја зголемат својата продажба на најголемиот автомобилски пазар во Европа.

Експертите предупредуваат дека германската програма за субвенционирање, вредна 3 милијарди евра, може сериозно да го наруши пазарот и да им донесе предност на странските производители. Германските автомобилски компании се изложуваат на ризик повторно да претрпат силен пад на продажбата, сличен на оној од 2023 година, кога укинувањето на субвенциите доведе до нагло намалување на побарувачката.

Тековната коалициска влада во Берлин е убедена дека новата програма ќе ги мотивира купувачите повторно да се свртат кон електрични возила. Во изминатата година, во Германија беа регистрирани само 1,4 проценти повеќе возила со сите видови погон во споредба со 2024 година, што укажува на стагнација на пазарот.

Со буџет од 3 милијарди евра се планира да се потпомогне купувањето на околу 800.000 електрични и хибридни возила. Субвенциите се наменети за семејства со ниски и средни приходи, односно за домаќинства со годишен даночен приход до 80.000 евра. Поддршката ќе се доделува до 2029 година и ќе изнесува од 1.500 до 6.000 евра, во зависност од типот на возилото и големината на семејството.

Германија на крајот од 2023 година ја укина претходната програма за субвенционирање, што доведе до пад од 27 проценти на пазарот на батериски електрични возила во 2024 година. Новата програма, за разлика од претходната, ги опфаќа и електричните возила со продолжувач на досег, како и модели произведени во Кина.

За приклучните хибриди е предвидена пониска субвенција, до 4.500 евра, која ќе важи до средината на 2027 година, со услов емисијата да не надминува 60 грама ЦО₂ по километар и возилото да има електричен досег од најмалку 80 километри. Право на субвенции ќе имаат сите електрични возила регистрирани од 1 јануари 2026 година, а пријавувањето ќе се врши преку специјален вебсајт што ќе биде пуштен во мај 2026 година.

Експертите очекуваат дека субвенциите ќе доведат до краткорочен раст на продажбата. Според Бенџамин Кибис, виш аналитичар во компанијата „Датафорс“, во Германија годинава би можеле да се регистрираат околу 60.000 електрични возила повеќе од очекуваното. Воедно, мерката ќе им помогне на производителите да избегнат казни поради надминување на дозволените емисии на ЦО₂.

Сепак, германскиот експерт Штефан Брацел од Центарот за автомобилски менаџмент предупредува дека ефектот ќе биде привремен. Според него, субвенциите создаваат вештачки раст што не е одржлив и предизвикува нестабилност на пазарот, пад на остаточната вредност на возилата и одложување на купувањата во очекување на подобри понуди.

Повеќе корист за Кина отколку за Германија

Најголемата загриженост е што субвенциите, според експертите, најмногу ќе им користат на кинеските производители.

„Ова е луда идеја“, вели автомобилскиот аналитичар Фердинанд Дуденхофер. „Победници ќе бидат кинеските марки како BYD, но и француските производители. Германската индустрија нема да има значителна корист – наместо да ја зголемиме нејзината конкурентност, ги субвенционираме увозниците со пари од даночните обврзници.“

Дополнително, експертите предупредуваат дека програмата ќе има негативно влијание и врз пазарот на користени електрични возила, кои ќе станат атрактивни само со значителни попусти, а дел од нив повторно ќе завршат извезени надвор од Германија.

Наместо директни субвенции, аналитичарите препорачуваат намалување на цената на електричната енергија за полнење. Доколку струјата стане поевтина од фосилните горива, тоа би поттикнало стабилен раст на продажбата и би ја зајакнало основата за развој на батериската индустрија во Германија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни