Не помина многу време откако Вајсах, мало место оддалечено само половина час возење од Штутгарт, беше најбогатата општина во Германија. Во оваа општина живеат околу 7.700 жители, а таму се наоѓа развојниот центар на Porsche. Благодарение на милијардите профит на автомобилскиот гигант, преку даноци во општинскиот буџет се слеваа огромни средства. Во 2009 година, приходот од даноци по жител изнесуваше околу 20.000 евра, пишува Deutsche Welle.
„Благодарение на Porsche, во Вајсах имаме највисок приход од данок на добивка по жител во цела Германија“, изјави тогашната градоначалничка Урсула Кројтел во 2011 година, при отворањето на новото проширување на фабриката.
Општината доделуваше по 10.000 евра градежен додаток по дете за семејствата што градеа куќи, беше изградена четирикатна библиотека, купен концертен клавир вреден 100.000 евра, а се доделуваа и субвенции за приватни часови по музика. Голем дел од парите, ветуваше Кројтел, беа ставени настрана како резерва за лоши времиња.
Добрите времиња завршија
Лошите времиња во меѓувреме пристигнаа. Германската автомобилска индустрија се наоѓа во најголемата криза во својата историја. Само кај Porsche, добивката во 2025 година падна за околу 96 проценти. Посрнуваат и други стопански гранки, а приходите од данок на добивка – од кои општините во голема мера зависат – драстично се намалени. Денес, дури и некогаш богатите градови и општини повеќе не можат да ги покријат своите расходи.
„Финансиите на општините се во драматичен надолен вртлог“, изјави Ралф Шпиглер, претседател на Германскиот сојуз на градови и општини (DStGB). „Ова веќе не е загрижувачко, не е ни катастрофално – ова е погубно.“
Социјалните трошоци излегуваат од контрола
Во федерална Германија, општините се одговорни за секојдневниот живот на граѓаните – од отпад, вода, училишта и градинки, до противпожарни служби, култура и најголемиот дел од социјалните давања.
Според податоците на Сојузниот завод за статистика, во 2024 година општините имале расходи од околу 400 милијарди евра. За 2025 се очекуваат уште поголеми трошоци, особено поради платите и енергијата. Најголем товар, сепак, се социјалните давања.
Трошоците за грижа за деца и млади, нега и интеграција на лица со попреченост од 38 милијарди евра во 2007 година пораснале и се очекува до 2027 да надминат 102 милијарди евра.
Недостигаат над 200 милијарди евра
Дефицитот во општинските каси расте од година во година:
- 2023: 7,5 милијарди евра
- 2024: 24 милијарди евра
- 2025: повеќе од 30 милијарди евра
За обнова на училишта, градинки, општински згради, базени, мостови и патишта потребни се околу 218 милијарди евра. Најголем недостиг има кај училиштата и патната инфраструктура.
Живот на скапи краткорочни кредити
Бидејќи општините не смеат долгорочно да се задолжуваат за тековни трошоци, тие се принудени секојдневно да земаат скапи краткорочни кредити.
„Тоа е како горивото за автомобилот да го плаќате со дозволен минус на сметка – ситуација што е неодржлива“, предупредува Шпиглер, додавајќи дека е сериозно загрозена функционалноста на локалната власт и конкурентноста на германската економија.
Иако федералната влада најавува помош и инфраструктурен пакет од 500 милијарди евра, од кои 60 милијарди би оделе за општините, Шпиглер заклучува:
„Тоа е голем голток од шишето и сме благодарни – но тоа може да биде само почеток.“
