Германските јавни медиуми бараат заштита од популистите и ултрадесничарските партии

И медиумите во Германија се дискриминирани

Работната група на редакциите на јавните медиумски сервиси (АГРА) на Германија предупреди на зајакнување на популистичките и екстремно десничарските партии во Германија, во Австрија и во Швајцарија, на задушување на независноста на медиумите и дискредитирање на новинарите и ги повика сите демократски сили да ги заштитат своите медиумски куќи.

„Низ цел свет десничарските популисти ги потиснуваат медиумските слободи. Причината е јасна. Сериозните медиуми се непријатни, тие ги разобличуваат и покажуваат со прст. Она што ѝ е потребно на демократијата не се „алтернативни факти“, туку слободно и критичко новинарство – повеќе од кога било. Наместо тоа, новинарите се дискредитирани, а финансирањето е намалено“, објави АГРА на пролетна сесија во Минхен.

На состанокот присуствуваа и претставници на австриската јавна радио-телевизија ОРФ и швајцарската јавна радио-телевизија на германски јазик СРФ.

Учесниците на сесијата ги повикаа сите демократски партии на федерално ниво, во покраините и во кантоните да ги заштитат јавните медиумски куќи и истите соодветно да се финансирани и законски обезбедени.

АГРА, исто така, го повика раководството на јавните радиодифузни институции да покаже поголема самодоверба кон противниците на демократијата и оцени дека политичката и економската независност се клучни за внатрешната и надворешната слобода на јавните медиуми.

– Независноста, доверливоста и плурализмот на мислењата се ДНК на јавните правни институции и мора да останат недопрени. Затоа, АГРА бара дополнително зајакнување на статутите на редакциите, така што радиодифузерите ќе бидат заштитени од внатрешни влијанија. Внатрешната слобода на радиодифузерите исто така мора да остане недопрена, објави АГРА.

АГРА ги обединува избраните претставници на уредничките одбори на германските јавни телевизиски станици ЗДФ и АРД, федералната радиостаница Дојчландфунк и германската меѓународна радиостаница Дојче Веле. Правото на работната група да учествува во креирањето на политиката за јавни медиуми е потврдено од Уставниот суд, а во неколку покраини ова право е исто така загарантирано со закон. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни