Германскиот производител на автоделови „Бош“ во проблеми поради недостиг од чипови

Германскиот гигант за автомобилски компоненти Robert Bosch соопшти дека поради сериозен недостиг од полупроводници е принуден да го скрати работното време во фабриката во Залцгитер, при што компанијата побарала државна компензација за дел од платите на вработените.

„Во фабриката во Залцгитер флексибилно реагираме на тековните пазарни услови. Тоа значи дека користиме проверен механизам за скратено работно време, во согласност со побарувачката, и веќе поднесовме барање до Федералната агенција за труд,“ соопштија од компанијата.

Според германските регулативи, фирмите можат да побараат државна помош во случаи на привремено нарушување на производството — доколку најмалку третина од работниците им имаат намалена плата за повеќе од 10 проценти. Државата во такви случаи исплаќа 60 проценти од изгубениот нето-приход, или 67 проценти за работници со деца, со цел да се избегнат отпуштања.

Слична мерка најави и друг германски добавувач на автоделови, ZF Friedrichshafen, кој планира намалување на работното време во погонот во Швајнфурт. Синдикатот IG Metall информираше дека управата веќе преговара со работничкиот совет за деталите, додека компанијата истакна дека преку својата кинеска филијала активно соработува со властите во Пекинг за стабилизирање на испораките на чипови.

Во меѓувреме, Volkswagen соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и ги разгледува сите можности за алтернативно снабдување. Компанијата изрази надеж дека разговорите меѓу САД и Кина би можеле да доведат до попуштање на трговските тензии и олеснување на извозните ограничувања.

Од Volkswagen додаваат дека производството во германските погони засега е стабилно, но не ја исклучуваат можноста од краткорочни прекини доколку кризата со чиповите продолжи.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни