Германскиот моден гигант ги надмина очекувањата во првиот квартал: Вредноста на акциите го следи растот на приходите

Германскиот моден гигант „Хуго Бос“ денес објави дека постигнал подобри од очекуваните резултати во првиот квартал од 2025 година и останал оптимист во врска со бизнисот оваа година и покрај глобалните предизвици.

Вкупните приходи на компанијата за првиот квартал изнесуваа 999 милиони евра, што е малку под минатогодишните 1,01 милијарда евра, но над консензуалната прогноза на аналитичарите кои очекуваа 974 милиони евра во анкетата спроведена од самата компанија, пренесува Ројтерс.

Оперативната добивка (EBIT) на Hugo Boss достигна 61 милион евра, што ги надмина очекувањата на аналитичарите кои прогнозираа 50 милиони евра.

Акциите на „Хуго Бос“ реагираа позитивно на овој извештај и денес пораснаа за 8,4 проценти.

Компанијата ги задржа своите прогнози за целата година за 2025 година и продолжува да очекува приходите да останат во опсег помеѓу 4,2 милијарди и 4,4 милијарди евра, и покрај растечките геополитички ризици, вклучувајќи ги и можните нови американски царини за текстил и луксузни стоки.

Извршниот директор на „Хуго Бос“, Даниел Гридер, изјави дека ситуацијата во Соединетите Американски Држави е сè уште сложена и дека компанијата „активно, но флексибилно реагира на промените во расположението на потрошувачите“.

Во соопштението на компанијата се вели дека „глобално ослабеното расположение на потрошувачите останува предизвик“, но менаџментот на „Хуго Бос“ се надева на постепено закрепнување, потпирајќи се на препознатливоста на брендот и агилноста на синџирот на снабдување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни