Ѕвездата на годинешното издаие на Стрип Трип фестивалот, Рајнхард Клајст се смета за еден од најеминентните германски стрип-автори. Роден е во 1970 година во близината на Келн, а од 1996 живее и работи како уметник и илустратор во Берлин. На пошироката публика и стана познат со графичкиот роман „Lovecraft“. Со графичкиот роман „Cash, I see a darkness“ во 2006 година се проби на интернационалната стрип-сцена.
Делото беше номинирано за двете најпрестижни американски стрип награди: Ајзнер и Харви. Потоа следуваат бројни графички романи: „Боксерот“, „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“, „Nick Cave. Mercy on me“… Моментално е актуелен со дводелната биографија на Дејвид Боуви: „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ и „Лоу – Берлинските години на Дејвид Боуви“.
Македонскиот превод на двете изданија е меѓу првите во светот. Покрај стриповите илустрирал и бројни книги како „1984“ од Џорџ Орвел и „Нешто зло доаѓа навака“ од Реј Бредбери. Исто така, има работено и за познатите германски весници „Зидојче цајтунг“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, телевизијата „АРТЕ“ и други. Одржува работилници низ целиот свет и редовно е на бината кога има концерти придружени со цртање во живо.
Ја имавме честа да зборуваме со него на годинешното издание на Стрип Трип фестивалот.

Трн: Прв пат сте во Скопје? Кои се вашите впечатоци?
Рајнхард: Дојдов во Скопје за Стрип Трип фестивалот од Лондон и прво морав да се навикнам на огромната разлика во температурата. Навистина ми е првпат во Северна Македонија и првиот впечаток ми е многу пријатен. Секако, кај мојот домаќин во „Dude“ го добив најдоброто кафе на светот.
Трн: Како го доживувате учеството на вакви фестивали, особено во земји каде што стрип-сцената е помала, но ентузијазмот е голем?
Рајнхард: Во светот на стриповите конкуренцијата е голема, но тиражите генерално се мали. На големите фестивали, моето присуство понекогаш се губи, а на помалите фестивали често се случуваат многу поубави соработки. На пример, настапив во Скопје со членовите на бендот „Lufthansa“ на жив концерт. На фестивалот има навистина сцена посветена на Дејвид Боуви, која ќе го долови духот на „Spiders from Mars“.

Трн: Вашите графички новели често се фокусирани на биографии – Дејвид Боуви, Џони Кеш, Ник Кејв… Што ве фасцинира во животите на славните личности?
Рајнхард: Долго време се занимавам со темата на биографиите во стрипот – освен музичари, и спортисти, па дури и политичари, како Фидел Кастро. Не ме фасцинира славата сама по себе, туку темите зад нивните животи. Кај „Боксерот“ темата беше Холокаустот, кај „Сон за Олимпија“ – ситуацијата на мигрантите. Кај книгата за Дејвид Боуви ме интересираше улогата на рок ѕвездата и неговиот однос со публиката. Во „Nick Cave – Mercy on me“ се занимавав со тензијата помеѓу уметникот и неговото дело: што ако ликовите од неговите песни одеднаш оживеат и го соочат својот творец со нивната судбина?
Трн: Вашиот стил е многу препознатлив – темни тонови, силни контрасти, изразена експресивност. Како се разви вашата визуелна естетика?
Рајнхард: Долго време барав сопствен стил. Мојата прва љубав е с сликарството. Моите први книги беа многу трудољубиви и експериментални. Со време сфатив дека треба повеќе да се фокусирам на раскажувањето, а помалку на импресивен стил. Така почнав да ги проучувам големите раскажувачи во стрипот: Вил Ајснер, Бару, Игорт и Џејсон Лутс.
Трн: Вашите дела се преведени на многу јазици. Дали публиката реагира различно во различни земји?
Рајнхард: Да, постојат разлики. Често уште при изборот на книгите кои издавачите сакаат да ги објават. Некои од моите политички теми се третираат различно. На пример, „Боксерот“ не можеше да биде објавен во некои земји бидејќи обработува еврејска судбина. Но, Ник Кејв и Џони Кеш се омилени речиси насекаде – тие се моите најпреведувани дела, околу 16 преводи по книга. Убаво е да се види како овие музичари (речиси) насекаде во светот се почитуваат, а мојата обработка на нивната уметност се цени универзално. Темите изгледа се важни насекаде.
Трн: Дали моментално работите на нов проект? Повторно биографија или нешто сосема ново?
Рајнхард: Штотуку почнав да работам на нешто ново. Тоа ќе биде албум за серијата Lucky Luke. Сигурно никој не очекуваше такво нешто!

Трн: Кој стрип ве инспирираше најмногу на почетокот?
Рајнхард: На почетокот од мојата прилично нерамна кариера како стрип-цртач, тоа беа делата на Дејв МекКин и Кент Вилијамс – многу експериментални, многу сликарски настроени уметници. Потоа ми дојде во раце „A Contract with God“ од Вил Ајснер – и тоа сѐ смени.
Трн: Кој совет би им го дале на младите автори кои сакаат да се пробијат на меѓународно ниво?
Рајнхард: Тоа навистина е тешко да се каже. Јас сум веќе околу 30 години во овој бизнис, па моите совети можеби се малку застарени. Затоа ќе се фокусирам на уметничкиот аспект, помалку на издавачкиот: Обиди се во секоја приказна да пронајдеш личен пристап – лик со кој лесно можеме да се идентификуваме и кој нѐ воведува во својот свет. Обиди се да најдеш нешто универзално во секоја приказна. Без разлика дали станува збор за актуелна ситуација, војна, бајка, секојдневно набљудување – сите можеме да се идентификуваме со ликови што ја следат својата љубов или сакаат да ја постигнат својата животна цел.Не се обидувај да го импресионираш читателот со своите цртежи, туку обиди се да го вовлечеш во приказната.