Германски суд одлучи: AfD засега не смее да се нарекува противуставна организација

Управниот суд во Келн пресуди дека германската разузнавачка служба привремено не смее да ја класифицира AfD како „проверено десничарска екстремистичка организација“, иако постои силен сомнеж за противуставни тенденции.

Германскиот Управен суд во Келн одлучи дека Федералната служба за заштита на уставниот поредок засега не смее да ја води партијата Alternative für Deutschland (AfD) под категоријата „проверено десничарска екстремистичка организација“.

Судот оцени дека и натаму постои „силен сомнеж“ за противуставни стремежи во рамки на партијата, но дека недостасува „недвосмислен доказ“ дека тие се однесуваат на AfD како целина. Одлуката е привремена, а главната постапка за дефинирање на статусот на партијата на сојузно ниво сè уште трае.

Федералната служба за заштита на уставниот поредок – Bundesamt für Verfassungsschutz – во мај 2025 година ја окарактеризира AfD како проверено противуставна организација, што ѝ овозможува користење пошироки разузнавачки мерки за следење. Партијата ја оспори одлуката пред суд.

Спорниот поим „ремиграција“

Судот посебно го анализирал поимот „ремиграција“, кој делови од партијата го користат во контекст на враќање или протерување на граѓани со странско потекло од Германија.

Во образложението се наведува дека не постојат конкретни планови на ниво на партија за масовно протерување. Поимот, според судот, е „дифузен“ и се поврзува со ставови на поединечни членови, но не и со официјалната платформа на партијата.

Иако повеќе покраински ограноци на AfD претходно беа дефинирани како организации што делуваат против уставниот поредок, судот смета дека за сојузното ниво е потребна поцврста правна аргументација.

AfD ја слави одлуката

Копретседателката на AfD, Alice Weidel, ја оцени пресудата како „голема победа“ за партијата. Таа порача дека одлуката не само што го ограничува делувањето на разузнавачката служба, туку и ги ослабува иницијативите за покренување постапка за забрана на партијата пред Уставниот суд.

Во Германија сè почесто се отвора дебата за можноста за формална забрана на AfD, но правните експерти предупредуваат дека таков процес бара високи стандарди на доказ и може да трае со години.

Судот нагласи дека ова е привремена мерка и дека конечната одлука за тоа дали AfD може да биде класифицирана како противуставна организација ќе биде донесена во главната постапка што сè уште е во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни