Германски научници пронајдоа антитело против ХИВ

Истражувачи во Келн идентификуваа антитело 04_A06 што блокира влез на ХИВ во клетките и успешно неутрализира 98% од варијантите на вирусот. Потенцијален нов чекор во третманот и превенцијата на СИДА.

Од 1981 година, кога болеста СИДА стана позната, таа однесе 44 милиони животи ширум светот. Се смета за една од најтешките епидемии во историјата на човештвото. Иако бројот на смртни случаи опадна благодарение на едукација и превенција, луѓето и понатаму умираат од последици на болеста.

Во 2024 година, околу 630.000 луѓе починаа од СИДА. Затоа, откритието на Универзитетската клиника во Келн, објавено непосредно пред Европската конференција за СИДА (15–18 октомври) во Париз, буди нова надеж.

Истражени 800 антитела против ХИВ

Тимот на вирусологот Флориан Клајн истражуваше крв од 32 ХИВ-позитивни лица кои спонтано развиле моќен имунолошки одговор. Тие идентификувале над 800 различни антитела, меѓу кои едно – 04_A06 – се издвојува поради својата способност да го блокира местото преку кое ХИВ влегува во клетките.

Научниците го дешифрирале генетскиот код на антителото и успеале да го репродуцираат без да земаат крв од пациенти – со вметнување на генетската информација во други клетки за да го создаваат антителото како протеин.

Тестирање и ефикасност

Во експерименти со глувци заразени со ХИВ и со човечки имунолошки клетки, 04_A06 успешно ги неутрализирал 98% од 340 различни видови на вирусот, вклучувајќи и оние отпорни на други антитела. Антителото спречува влез на вирусот во клетките и овозможува полесно уништување на инфицирани клетки.

Антителото би можело да се користи и терапевтски и превентивно, на пример како пасивна имунизација, со примена на инјекција на секои 6 месеци – наместо секојдневно пиење апчиња.

Долг пат до лекот

Иако досега се откриени и други силни антитела, 04_A06 е еден од најмоќните – со ефикасност што обично се постигнува само со комбинација од повеќе антитела. Меѓутоа, потребни се дополнителни студии пред да се развие лек.

Иако резултатите се охрабрувачки, научниците предупредуваат дека е рано да се каже дали ќе функционираат и во реални клинички услови. Сепак, ова откритие претставува голем чекор напред во борбата против ХИВ/СИДА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни