Германските автомобили, кои во Индија важат за статусен симбол, би можеле значително да поевтинат по постигнувањето на договорот за слободна трговија меѓу Европска унија и Индија. Договорот предвидува постепено намалување на високите царини за увоз на возила, што за германската автомобилска индустрија отвора нови можности на најмногубројниот пазар во светот.
Индија, со околу 1,45 милијарди жители и континуиран економски раст од шест до седум проценти годишно, бележи забрзано зголемување на средната класа и куповната моќ. Според аналитичарите, токму тоа ја прави земјата привлечна за германските производители, кои со години се обидуваат да се пробијат на овој пазар.
Во првата фаза од договорот, царините за одредени увезени автомобили, кои досега достигнуваа и до 110 проценти, треба да се намалат на околу 40 проценти, а подоцна и на 10 проценти. Овие олеснувања ќе важат за годишна квота од 250.000 возила, додека царините за автоделови би требало целосно да се укинат во период од пет до десет години.
Експертите посочуваат дека индискиот пазар има специфични барања. Поради состојбата на патната инфраструктура, таму постои голема побарувачка за теренски и поиздржливи возила, што може да оди во прилог на германските брендови. Сепак, прашање останува како новиот договор ќе влијае врз германските фабрики кои веќе работат во Индија, бидејќи поевтиниот увоз од Европа може да ја доведе во прашање исплатливоста на локалното производство.
Дополнителен предизвик е и силната конкуренција. Индискиот пазар е доминиран од домашни производители и јапонски брендови, како и од јужнокорејски компании кои масовно инвестираат во нови погони и модели. Во исто време, индиската влада активно ги поддржува локалните производители со цел тие први да одговорат на потребите на младото и растечко население.
Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека пазарот е доволно голем за да има простор и за германските производители, особено ако успеат да се прилагодат на локалните услови и ценовни очекувања. Новиот договор со Индија се оценува како шанса за повторно позиционирање на германската автомобилска индустрија на пазар што станува сè поважен во глобални рамки.
