Германка има колекција од 18 илјади барбики

Фото: Ina FASSBENDER / AFP

62-годишна Германка веќе влезе во книгата на рекорди со колекција од 18.000 барбики, но објавувањето на американскиот блокбастер за „Барби“ им даде нов живот на нејзините кукли кои ги прикажува во музеите.

„Како дете секогаш си играв со барбики. Кога ѝ ги дадов моите кукли на ќерка ми, таа не ги сакаше бидејќи беа старомодни. Така почнав да ги собирам“, изјави за АФП Бетина Дорфман од Дизелдорф.

Таа веќе 28 години ја изложува својата колекција по неколку месеци во музеи и трговски центри.

„За време на изложбата има меѓу 5.000 и 20.000 посетители, но со објавувањето на филмот ми беше кажано дека интересот е зголемен“, додаде таа.

Дорфман, која веќе двапати го гледала филмот, за кој вели дека е „прекрасен“, има и „клиника“ за Барби.

„Поправка на кукла може да чини од 10 до 500 или 600 евра ако е редок модел“, објасни таа.

„Барби“ го сруши рекордот за 2023 година со 155 милиони долари на американскиот бокс офис во текот на викендот. Филмот на Грета Гервинг, режисерката на „Френсис Ха“, „Лејди Бирд“ и „Малите жени“ собира многу познати актери, а главните улоги на Барби и Кен ги толкуваат Маргот Роби и Рајан Гослинг.

Извор: N1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни