Една од две компании во Германија го поддржува воведувањето на 48-часовна работна недела – предлог кој предизвикува остри реакции меѓу работодавачите, експертите и синдикатите. Целта на промената е да се овозможи поголема флексибилност за работодавачите и вработените, но критичарите предупредуваат на можни здравствени последици и нарушен баланс меѓу работата и приватниот живот.
Што предвидува реформата?
Наместо сегашното ограничување од максимум 8 часа дневно (или 10 часа во исклучителни случаи), новиот предлог на германската влада предвидува максимум 48 часа неделно. Ова би значело дека работниците би можеле да работат подолго еден ден, а потоа да ги скратат часовите друг ден – сè во рамки на неделниот лимит.
Кој ја поддржува реформата?
Истражување на Randstad и Ifo институтот покажува дека 50% од компаниите ја поддржуваат идејата, 72% од големите фирми (над 500 вработени) ја гледаат како позитивен чекор, а само 42% од малите компании ја поддржуваат промената
Флексибилноста игра клучна улога. Во компании со т.н. “работно време засновано на доверба”, поддршката расте на 60%, додека во фирми со строго фиксно работно време, таа паѓа на 42%.
Загриженост кај работниците и експертите
Иако некои вработени би можеле да имаат повеќе простор за семејни обврски или слободни денови, експертите и синдикатите предупредуваат на поголем ризик од прегорување (burnout), потенцијално кршење на правото на одмор и нарушување на балансот работа–живот.
Реформата има потенцијал да го модернизира пазарот на труд во Германија, но и да отвори врата за експлоатација и зголемен притисок врз работниците. Дали ова е вистинската насока за подобрување на продуктивноста – или само уште еден начин компаниите да добијат повеќе за помалку?