Германија вети дека ќе постигне климатска неутралност до 2045 година, а зелениот водород ќе игра значајна улога во тој процес.
Германската влада и неколку покраински влади одвоија 4,6 милијарди евра за вкупно 23 проекти за зелен водород поврзани со производство, имплементација на иновативни решенија за складирање и подобрувања на транспортната инфраструктура на зелен водород, се вели во соопштението на германското федерално Министерство за Економски прашања и климатска акција.
Планот е да се изгради фабрика за производство на зелен водород со капацитет од 1,4 GW, која ќе се напојува од обновливи извори на енергија и ќе транспортира 1.800 тони зелен водород годишно. Проектите вклучуваат и решенија за неговиот капацитет за складирање од 370 GWh, како и изградба на 2.000 километри потребна инфраструктура.
Според министерот за економски прашања и климатски активности, Роберт Хебек, со финансирањето на овие проекти, Германија прави голем чекор кон климатско неутрална и одржлива економија во Европа и пошироко.
Тој нагласи дека силната водородна инфраструктура ќе има клучна улога во декарбонизацијата на германската индустрија и енергетскиот сектор, а водородните цевководи ќе станат артерии на индустриските центри, создавајќи предуслови за климатски неутрален економски раст.
Покрај државното финансирање, дел од средствата ќе обезбеди и Европската унија, додека компаниите вклучени во проектите ќе додадат уште 3,3 милијарди евра. Се очекува до 2030 година целата инвестиција да достигне вкупно 7,9 милијарди евра.
Се планира и интензивирање на увозот на зелен водород
Сојузното Министерство за економски прашања и климатски активности објави дека се достапни резултатите од првиот круг на наддавање за увоз на зелен водород во рамките на програмата H2Global за периодот меѓу 2027 и 2033 година.
Во Германија ќе бидат увезени најмалку 259 илјади тони зелен амонијак, што е повеќе од десет отсто од годишното производство на амонијак во Германија.
„Склучувањето на првите договори за купување на зелени водородни производи е важен чекор кон трансформацијата на Германија како индустриска база, постигнување на нашите климатски цели и зачувување на одржливите работни места во нашата земја“, рече Хебек.
Тој додава дека германската индустрија има потреба од големи количини зелен водород и негови деривати за декарбонизација на стопанството, за што е потребен увоз од Европа и пошироко, како и домашно производство на водород. Успешната аукција во рамките на H2Global е првиот чекор во оваа насока, а наскоро ќе следат понатамошни чекори, забележува министерот.
Фото: pexels