Германија во работен колапс: Повеќе од 260.000 празни работни места – најмногу недостасуваат медицинари и градежници

Германија се соочува со најголем недостиг од квалификувани работници во последните децении. Недостигаат медицински сестри, физиотерапевти, електричари и водоинсталатери. Здравството и градежништвото се најпогодени.

Германија се соочува со најтешкиот недостиг на квалификувана работна сила во последните неколку децении, покажува новата студија на Германскиот економски институт (IW) од Келн. Според анализата, во текот на 2024 година повеќе од 260.000 работни места во десетте најзагрозени сектори не можеле да се пополнат со соодветно обучени работници.

Најголема криза е забележана во здравствените установи, каде што недостасуваат околу 46.000 вработени, меѓу нив 12.000 физиотерапевти, 7.000 медицински сестри и 6.800 стоматолошки асистенти. Градежништвото исто така е сериозно погодено, со недостиг од над 41.000 квалификувани работници, особено во областа на електротехниката, водоводот, греењето и климатизацијата.

Голем недостаток има и во јавната администрација и социјалните услуги, каде што 26.400 позиции во организации за социјална заштита и уште 16.400 во домовите за згрижување останале празни.

И покрај благото намалување на дефицитот поради забавувањето на економијата, експертите предупредуваат дека пазарот на трудот во Германија е во опасност.

„Недостигот на кадар се чувствува секојдневно – во здравството пациентите чекаат со месеци, а во градежништвото доцни изградбата на станови,“ стои во извештајот на институтот.

Како можни решенија се наведуваат обука и преквалификација на постојните работници, поттикнување на подолг работен век и привлекување квалификувани мигранти од странство.

И покрај големата побарувачка за работна сила, стапката на невработеност во Германија продолжува да расте, што ја покажува длабоката структурна криза на пазарот на трудот и дополнително го оптоварува буџетот на Сојузната агенција за вработување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни