Германскиот Бундестаг усвои контроверзен пакет реформи на пензискиот систем, со кој се гарантира ниво на пензија од 48 проценти од просечната плата до 2031 година.
Германскиот Бундестаг усвои пакет реформи на пензискиот систем што предизвика многу контроверзии, а кој беше предложен од владејачката коалиција на канцеларот Фридрих Мерц, пренесува ДПА.
Според новите правила, нивото на пензиите ќе се задржи на 48 проценти од просечната плата до 2031 година, со цел да се спречи растот на пензиите да заостанува зад зголемувањето на платите, пишува Н1.
Еден од трите предлог-закони во пакетот предизвика особено негодување во самата ЦДУ на Мерк, каде што младинското крило на партијата се закани дека ќе гласа против него поради страв дека идните реформи би можеле да ја чинат државата милијарди евра.
Германија се соочува со брзо стареење на населението, што значи дека има сè помалку граѓани на работоспособна возраст кои можат да го носат товарот на плаќањата за растечкиот број пензионери.
Затоа се очекува притисокот врз социјалните бенефиции да се зголеми во наредните години.
И покрај бунтот на дел од младите членови на партијата, Мерц успеа да обезбеди таканареченото „канцеларско мнозинство“, доволен број гласови од редовите на неговата коалиција со социјалдемократите. За усвојување на реформата беа потребни најмалку 316 гласови.
За време на гласањето, 319 пратеници ја поддржаа реформата, 225 беа против, а 53 се воздржаа, објави заменик-претседателот на Бундестагот, Бодо Рамелов.
На крајот, само седум пратеници на ЦДУ гласаа против.
Доколку Бундесратот, советот што ги претставува германските покраини, го одобри законот на 19 декември, реформите би можеле да стапат во сила веќе од 1 јануари.
Бидејќи генерацијата бејби-бумери сè повеќе се префрла од статусот на придонесувачи во категоријата пензионери, се очекува пензискиот систем сè повеќе да се потпира на буџетски средства.
Се проценува дека само во 2031 година, овие трошоци ќе достигнат околу 11 милијарди евра.
