Германија става кочница на цените: Горивото ќе поскапува само еднаш дневно

Во обид да го стави под контрола хаотичното движење на цените на горивата, Германија воведува ново правило кое директно ги таргетира бензинските компании: поскапување ќе биде дозволено само еднаш дневно,и тоа точно напладне.

Одлуката доаѓа во момент кога цените на енергенсите се под силен притисок поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, особено по нападите врз Иран. Германските власти очигледно сакаат да стават крај на практиката цените да „скокаат“ неколку пати дневно, што кај граѓаните создава чувство на несигурност и недоверба.

Новите мерки предвидуваат јасна асиметрија: цените може да паѓаат повеќепати во текот на денот, но нивното зголемување ќе биде строго ограничено. Со ова, државата се обидува да ја задржи флексибилноста на пазарот, но истовремено да спречи шпекулативни поскапувања.

Паралелно, се зајакнуваат и надлежностите на антимонополските институции, што укажува дека Берлин не гледа на проблемот само како на последица на глобалната криза, туку и како на прашање на пазарно однесување.

Сепак, владата на Фридрих Мерц веќе признава дека ова можеби нема да биде доволно. Најавени се дополнителни мерки, меѓу кои даночни олеснувања за граѓаните и можно намалување на цената на електричната енергија, што покажува дека притисокот врз стандардот станува политички чувствително прашање.

Но тука се отвора и клучната дилема: дали ограничувањето на динамиката на цените навистина ќе донесе пониски сметки или само ќе ја „разубави“ нивната флуктуација? Дел од економистите предупредуваат дека ваквите интервенции можат да имаат ограничен ефект ако основниот проблем, глобалниот раст на цените на енергенсите остане непроменет.

Дополнителен притисок доаѓа и од јавноста, која ја споредува германската реакција со онаа на Шпанија, каде владата веќе воведе директни субвенции и даночни намалувања. Тоа ја става Германија во позиција да мора да оди чекор понатаму, особено ако ценовниот шок продолжи.

На крајот, мерката може да се гледа како обид за „контрола на симптомите“, а не на причината – сигнал дека европските економии сè повеќе се обидуваат административно да управуваат со последиците од геополитичките кризи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни