Европските лидери утре ќе се соберат во Германија на самит посветен на енергетската соработка и безбедноста во Северното Море, но прашањето за Гренланд и американските амбиции кон овој автономен дански регион се очекува сериозно да го засенат официјалниот дневен ред.
Домаќин на средбата е германскиот канцелар Фридрих Мерц, а состанокот се одржува само неколку дена по повлекувањето на американскиот претседател Доналд Трамп од заканите за насилно преземање на Гренланд и за воведување казнени царини кон европските сојузници во НАТО. Иако Трамп најави „оквирен договор“ со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјавата без конкретни детали предизвика мешавина од олеснување и збунетост меѓу европските партнери.
„Ќе мора да посветиме поголемо внимание на сите делови од европската територија на НАТО, особено на северот“, изјави Мерц по неодамнешниот вонреден состанок на Европскиот совет.
На самитот во Хамбург ќе присуствуваат данската премиерка Мете Фредериксен, претставници на НАТО, Европската комисија и Исланд, како и лидери од Норвешка, Холандија, Ирска, Белгија и Луксембург. Велика Британија и Франција ќе бидат претставени на министерско ниво.
Официјалната цел на состанокот е продлабочување на соработката во изградбата на ветерни електрани на море, развојот на пазарот за водород и поврзувањето на енергетската инфраструктура во Северното Море. Сепак, безбедносните прашања се очекува да бидат високо на агендата, особено поради сомневањата за хибридни напади, саботажи на подморски кабли и зголемен надзор на критичната инфраструктура, за што западните земји најчесто ја обвинуваат Русија.
Германските власти во последниот период изразија загриженост и поради неидентификувани летови на дронови над аеродроми, воени бази и индустриски објекти, за кои се верува дека делумно се поврзани со активности од море.
Стратешката визија на Берлин е Северното Море да се трансформира во „најголем светски резервоар на чиста енергија“, проект кој Мерц го опиша како клучен за енергетски независна и безбедна Европа. На самитот во 2023 година беше договорено до 2050 година да се изградат ветерни капацитети од 300 гигавати, но актуелните проценки покажуваат дека до 2030 година ќе бидат реализирани значително помалку од планираното.
Покрај логистичките и инфраструктурните предизвици, европските лидери ќе разговараат и за ризиците од зависност од кинески производители на турбини, како и за потребата од зајакнување на европската индустриска автономија.
Експертите посочуваат дека енергијата од ветер не е важна само за климатските цели, туку и за безбедноста. Децентрализираните енергетски системи се поотпорни на саботажи и напади, а дел од аналитичарите сметаат дека ветерните електрани на море би можеле да имаат и дополнителна улога во поморскиот надзор, иако тоа би значело и повисоки трошоци и потреба од подобра регионална координација.
