Германските власти планираат да ги продолжат граничните контроли со соседните земји најмалку до 15 септември, за што наскоро ќе ја информираат Европската комисија, објави „Билд“. Мерката е дел од реорганизацијата на миграциската политика во земјата.
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринг изјави за „Билд“ дека продолжувањето на граничните контроли е дел од пошироки промени во пристапот кон миграцијата.
Според новите правила, барателите на азил кои веќе поднеле барање во друга земја членка на Европската Унија ќе бидат враќани од германската граница. Исклучоци ќе важат за бремени жени, деца и други ранливи категории.
Добринг во мај минатата година ја поништи уредбата од 2015 година на претходната влада, со која на барателите на азил им беше дозволен влез во земјата. Со новите мерки се заострува контролата на влезот и постапката за прием.
Министерот најави и зголемување на бројот на федерални полицајци кои ќе вршат проверки на границите, како и засилени контроли на граничните премини.
Германските власти треба официјално да ја известат Европската комисија за продолжувањето на граничните контроли. Мерките ќе важат најмалку до средината на септември, по што ќе се проценува нивната понатамошна примена.