Германија планира историски буџет од 377 милијарди евра за војската

Документи откриваат дека Германија подготвува историски потег – инвестиција од 377 милијарди евра за модернизација на вооружените сили

Документи до кои дошол Politico откриваат дека германската влада планира масовна модернизација на Бундесверот вредна 377 милијарди евра, со цел да создаде најсилна конвенционална армија во Европа.

Планот, распоредeн на 39 страници, опфаќа инвестиции во копнените сили, воздухопловството, морнарицата, сајбер и вселенските капацитети. Значителен дел од средствата ќе се насочат кон домашната воена индустрија, што покажува намера на Берлин да ја зајакне технолошката и економската автономија.

Нов модел на финансирање надвор од ограничувањата на уставниот долг

Овој амбициозен план се совпаѓа со промена во германскиот буџетски модел, кој овозможува трошоците за одбрана да се издвојат од уставното ограничување за задолжување. Така ќе се овозможи долгорочно и стабилно финансирање, независно од веќе речиси исцрпениот специјален фонд од 100 милијарди евра.

Секоја набавка над 25 милиони евра ќе мора да ја одобри парламентарната комисија за буџет, а реализацијата ќе се одвива постепено.

Rheinmetall – најголем добитник

Од околу 320 нови проекти за вооружување, повеќе од 160 се доверени на германски компании во вредност од 182 милијарди евра. Апсолутен победник е Rheinmetall, компанија со седиште во Диселдорф, која е вклучена во 53 проекти вредни над 88 милијарди евра.

Планот предвидува испорака на 687 борбени возила „Пума“ до 2035 година, како и 561 систем за противвоздушна одбрана Skyranger 30 со милиони единици муниција.

Зад Rheinmetall следува Diehl Defence, баварски производител на ракети, кој ќе испорача системи IRIS-T за новата германска противвоздушна мрежа во вредност од 17,3 милијарди евра.

Фокус на дронови и вселенска безбедност

Во новата стратегија големо внимание се посветува и на беспилотните летала. Бундесверот планира да го прошири својот арсенал со наоружани дронови Heron TP, тактички дронови LUNA NG и поморски дронови uMAWS.

Во вселената, Германија ќе инвестира над 14 милијарди евра во сателитски програми, вклучувајќи нова констелација на комуникациски сателити во ниска орбита вредна 9,5 милијарди евра – дел од визијата на министерот за одбрана Борис Писториус за зајакнување на германската „вселенска безбедност“.

Американска технологија и НАТО улога

Меѓу најчувствителните точки во планот е можната набавка на 15 американски ловци F-35 во вредност од 2,5 милијарди евра, со што Германија ќе ја задржи својата улога во нуклеарната програма на НАТО.

Исто така, се планира купување на 400 крстосувачки ракети Tomahawk, три системи Typhon и четири патролни авиони Boeing P-8A Poseidon, што дополнително ќе ја поврзе германската одбрана со американската технологија и извозна контрола.

Иако дел од проектите вклучуваат странски добавувачи, нивниот удел е помал од 5%. Поголемиот дел од буџетот останува во германската индустрија, со цел земјата да ја зајакне сопствената одбранбена независност и да ја позиционира како водечка сила во европската безбедносна архитектура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни